КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023

Македонската машка сениорска репрезентација, предводена од селекторот Драган Бајиќ, вчера ги започна мини-подготовките пред почетокот на квалификациите за Светското првенство (СП) 2023. По неделниот вечерен собир во хотелот „Хилтон“ во Скопје, тие вчера претпладне го одржаа првиот заеднички тренинг во СЦ „Јане Сандански“. Во согласност со планот на подготовките, македонските кошаркари ќе тренираат двапати дневно (10 и 18 часот). Селекторот Бајиќ повика 15 кошаркари, а поради повреда отпадна бекот Ненад Димитријевиќ, кој настапува во шпанска Валенсија. До дуелот со Шпанија, македонските кошаркари нема да одиграат пријателски средби.
Како што е познато, Македонија во ноемврискиот „прозорец“ за пласман на СП 2023, в петок (19.30 ч.), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе игра со актуелниот светски првак, селекцијата на Шпанија. По овој дуел ќе следува и натпреварот против Украина, кој ќе се игра во „Палатата на спортовите“ во Киев на 29 ноември. Македонија во овие квалификации е во групата Г, а покрај Шпанија и Украина е и селекцијата на Грузија.