Објавата беше со совршен тајминг, осветлувајќи го мрачниот карантин на саботното утро, носејќи стар пријател зад нашите заклучени врати и назад во нашите животи. Не можете да го ставите Коби во карантин, пишува Бил Плашки во неговата колумна за „Лос Анџелес тајмс“, по повод постхумниот прием на некогашната ѕвезда на Лос Анџелес лејкерс во кошаркарската Куќа на славните.

Брајант, беше примен во кошаркарската Куќа на славните заедно со Тим Данкан и со Кевин Гарнет. Покрај нив, во класата за 2020 година, која доби место меѓу великаните на кошарката, се и Руди Томјановиќ, Тамика Кечингс, Еди Сатон, Ким Малки, Барбара Стивенс и Патрик Бауман.

Светот застана, но сеќавањето на Коби Брајант се пробива, а почината легенда уште изнаоѓа начини да постигне погодок кога е најважно. Изборот на Брајант во Куќата на славните е неизбежен заклучок што дава чувство на изненаден благослов.

Два месеца по неговата смрт, неколку недели откако ужалената заедница го насочи вниманието кон поинаква трагедија, Коби изненадно се врати и тоа е слатка утеха. Неговиот лик повторно е во вестите. И изгледа како да ни доаѓа во прегратка.

Сеќавањето на него се враќа повторно за време на интервјуата, што се забележува и за време на трогателното интервју на Ванеса Брајaнт за И-ес-пи-ен.

– Се разбира дека сакавме да е со нас за да славиме. Но ова дефинитивно е врв на неговата НБА-кариера – кажа Ванеса Брајант, обидувајќи се да ги задржи солзите.

Пофалбите за Коби повторно се споделувани од оние кои го познаваат најдобро, како што се сопственичката на лејкерс, Џини Бас и генералниот менаџер на „езерџиите“ Роб Пелинка.

 – Неговиот бестрашен натпреварувачки дух, работна навика и нагон беа ненадминливи. Тие квалитети му помогнаа на Коби да не води до пет титули, а сега го доведоа и во Куќата на славните. Никој не го заслужува ова повеќе од него – истакна Пелинка.

Тој му се обрати на Брајант велејќи „најголеми честитки за тебе, драг пријателе. Сега дел од тебе ќе живее во Куќата, заедно со останатите великани, каде што твојата легенда и дух ќе продолжат да растат засекогаш“.

Легендата и духот на Коби се корисни сега, каде што наследството на Брајант продолжува да одѕвонува уште посилно. Како што државата се справува со уништувањето од коронавирусот, се чини дека е добро време за прифаќање на „мамба менталитетот“.

„Процесот е патување. Имајте верба во напорната работа“, ќе кажеше Коби, а зарем нема подобар момент за сите да веруваме во тоа.

Во време кога е тешко да се знае каде да ја ставите вербата, Брајант постојано проповедаше да верувате во себеси, а неговиот влез во Куќата на славните, заедно со Данкан, Гарнет и со другите е моќен потсетник на таа верба.

Тешко е кога ќе помислите дека Брајант кој загина во хеликоптерска несреќа на 26 јануари заедно со неговата ќерка Џиана и со седуммина други, нема да биде во Спрингфилд за да одржи говор на неговиот прием во Куќата на славните.

Можете ли да замислите што би рекол? Сетете се дека неговите зборови помогнаа во освојувањето на „оскар“. Може да се претпостави дека говорот би бил љубезен, обединувачки, инкузивен одраз на неговата лична еволуција што беше евидентна во последните години од животот.

Нема мнгу луѓе доволно силни да зборуваат во негово име. Ванеса, која даде толку трогателен говор на церемонијата на неговото испраќање, би била една од нив.

Кога беше соопштена објавата во саботата, за време на убавото саботно утро во Лос Анџелес, таа ме потсети на два пролетни моменти од животот на Коби. На 12 април 2013 година, Брајант ја искина Ахиловата тетива против Голден Стејт вориорс, повреда која мномина мислеа дека ќе стави крај на неговата кариера.

– Има поголеми предизвици од скината Ахилова тетива. Престанете да се сожалувате, пронајдете оптимизам и фатете се за работа со истата верба во себе, истиот нагон и истата убеденост – напиша Коби на Фејсбук подоцна истата вечер.

На 13 април 2016 година, тој го круниса тригодишното патешествие по враќањето по повредата, постигнувајќи 60 поени против Јута џез во животната партија со која замина во пензија.

– Ја дадов душата на оваа игра. Нема веќе ништо друго што би можел да дадам – кажа потоа Брајант.

А сепак, како што покажува објавата за приемот во Куќата на славните, преку сеќавањата кои ќе живеат засекогаш, Коби уште има што даде.