Градското дерби на екипите што претендираат на шампионскиот трон им припадна на Лос Анџелес клиперс, додека актуелниот шампион Торонто репторс ги победи Њу Орлеанс Пеликанс во продолжението, во мечевите на отворањето на 74-та сезона во најсилната светска кошаркарска лига, НБА.

Во Стејплс центарот, Клиперс формално беа домаќини. Без Пол Џорџ тие ги победија Лос Анџелес лејкерс 112-102. Победата ја најавија на почетокот на последната четвртина кога направија серија од 19-7. Клуч за триумфот беше добрата игра на резервите на Клиперс, кои постигнаа 60 поени, наспроти скромните 19 кошеви што ги уфрлија резервите на Лејкерс.

Каваи Ленард веднаш им испрати порака на сите ривали во лигата, дека има намера и оваа сезона да ја освои титулата, откако минатата сезона беше шампион со Торонто. Крилниот кошаркар забележа 30 поен. Најголема поддршка имаше од Лу Вилијамс (21 поен) и Монтрез Херел (17 поени).

Ентони Дејвис со 25 поени, 10 скока, пет асистенции и две блокади дебитираше за Лејкерс, во чии редови Дени Грин постигна 28 поени, а Леброн Џејмс забележа 18 поени, девет скока и и осум асистенции.

Бранителите на титулата Торонто репторс славеа во дуелот со Њу Орлеанс пеликанс 130-122 по продолжението од пет минути, откако резултатот во регуларниот дел од мечот беше 117-117.

До првата победа во сезоната Репторс ги предводеа Паскал Сијакам и Фред Ванвлит кои постигнаа по 34 поени.

Кај Пеликанс не играше првиот пик на драфтот Зајон Вилијамсон. Најефикасен во поразената екипа беше Брендон Инграм со 22 поени, додека ветеранот Џеј Џеј Редик постигнал16, а Џош Харт 15 поени.