Присуството на НБА во Кина се проценува на четири милијарди долари, со што најсилната светска кошаркарска лига и дел од нејзините играчи би можеле да претрпат значителни финансиски загуби во скандалот со твитот на генералниот менаџер на Хјустон рокетс Дерил Мори, што изминативе неколку дена го привлекува вниманието на светските медиуми.

Хјустон рокетс чии мечеви се забранети на неодредено време на државната телевизија ЦЦТВ, беа најпопуларниот НБА клуб во Кина пред твитот на Мори.

НБА-лигата има долгорочно присуство во Кина, во текот на кое разви разбирање на тамошниот пазар.

– НБА има натпреварувачка предност како еден од првите странски бизниси што навлегоа во Кина. Кога Кина поминуваше низ економските реформи во 90-те години, НБА беше првата спортска лига што дојде на тамошниот пазар. Тие вложија милиони долари во изминатите три децении за да воспостават присуство на кинескиот пазар. За нив е голем проблем еден твит го подрива сето тоа – објаснува Сајмон Чедвик, професор на британскиот универзитет „Салфорд“, во изјава за Си-ен-ен.

НБА-лигата уште во 2015 година најави дека ќе вложи 1,6 милиони долари за градење на кошаркарски игралишта во најмногубројната светска држава.

Неодамна, НБА-лигата потпиша договор вреден 1,5 милијарди долари за правата за емитување преку Интернет со кинеската компанија „Тенсент“. Повеќе од 490 милиони луѓе ги гледаат НБА-мечевите преку платформата на „Тенсент“ минатата сезона.