Кошаркарите на Лос Анџелес клиперс ја забележаа и седмата сезонска победа во НБА-лигата, откако славеа дома против Чикаго булс, со 130-127, а натпреварот го обележи кошаркарот на ЛА клиперс, Кавај Ленард.
Поранешниот кошаркар на Сан Антонио и на Торонто одигра одлична трета четвртина, при што постигна пет тројки, а реализира вкупно 21 поен, најголем број поени и тројки во текот на една четвртина во неговата досегашна кариера.
Токму во тој трет период тој го впиша своето име во историјата на најсилната кошаркарска лига во светот, преминувајќи ја границата од 10.000 поени во неговата кариера и на тој начин влезе во ова елитно друштво.
Лука Дончиќ, пак, повторно беше најимпресивниот играч на теренот, со т.н. трипл-дабл (двоцифрен ефект во три статистички категории), во триумфот на Далас над Орландо, со 112-98. Словенецот впиша 20 поени, 11 скока и 10 асистенции, што е негов втор трипл-дабл сезонава, а има вкупно 27 во кариерата.