Џејмс Харден

Иако клубовите од американската фудбалска лига (МЛС) не можат да се натпреваруваат со другите американски спортски лиги во однос на приходот, фудбалот се смета за растечки пазар за богатите спортисти-инвеститори, пишува „Гардијан“

Продолжува фудбалското лето на Џејмс Харден, кошаркарската НБА-ѕвезда. Претходно овој месец најкорисниот играч (МВП) за 2018 година во НБА го посети стадионот на Арсенал во Лондон, па беше на стадионот НРГ во Хјустон во саботата, следејќи ја победата на Баерн со 3-1 над Реал Мадрид, а неговиот нов клуб освои три бода во Торонто. Два дена претходно Хјустон Динамо и Хјустон Даш објавија дека Харден купил малцински удел во групата што ги контролира клубовите од машката и од женската лига во САД и нивниот стадион со капацитет од 22.000 места, пишува британскиот весник „Гардијан“.

Во поедноставни и помалку профитабилни времиња спортските ѕвезди можеле да бидат задоволни кога ќе отворат ресторан или бар во градовите каде што станале локални легенди. Сега тие се толку богати, платата на Харден за следната сезона е 38 милиони долари, имаат менаџери и стратегиски инвестициски портфолија, пишува „Гардијан“. Харден (29) не е првата ѕвезда од НБА што инвестира во фудбалот додека уште е на теренот. Леброн Џејмс имаше 26 години кога купи дел од сопственоста на Ливерпул во 2011 година, во заедничкото вложување со американската матична компанија во клубот, добивајќи удел од два проценти, кој се зголемил петкратно во минатата година, објави ЕСПН. Стив Неш, пензиониран двократен МВП, се подготвуваше во Феникс кога купи дел од сопственоста на Ванкувер во 2008 година, три години пред клубот да влезе во МЛС. Харден го гледа договорот во Хјустон како начин за продлабочување на односот со градот, каде што стана мегаѕвезда, приклучувајќи ѝ се на растечката лига во најголемиот светски спорт.

– Време беше. Инвестирам, ова е мојот град и јас сум тука за да останам. Знам дека треба да ја донесам шампионската титула во кошарка и ќе ја донесам, многу, многу скоро, но само сакам да ја покажам мојата благодарност и да ви дадам до знаење дека сум дел од градот и дека сум тука засекогаш. Сега сум дел од Динамо, ќе ја кренеме целата работа на друго ниво – рекол Харден во пораката снимена во соблекувалната на Динамо, пишува „Гардијан“.

Потоа, за „Фокс“тој рекол: „Договорот е уште една можност да го проширам мојот бренд на глобално ниво. Во текот на минатите четири или пет години станав многу страстен за фудбалот, па сето тоа има совршена смисла“.
Договорот во Хјустон има силни калифорниски врски. Повеќегодишен сопственик на Динамо е Габриел Бренер, бизнисмен чија инвестициска компанија е со седиште во Лос Анџелес. Еден од другите сопственици е Оскар де ла Хоја, поранешен боксер, кој, како Харден, е роден во Лос Анџелес. Меѓу советниците на Харден е „Тру капитал менаџмент“, компанија за управување со имот, со седиште во Сан Франциско, која има повеќе од 200 актуелни и поранешни спортисти како клиенти, пишува „Гардијан“.
Харден заработил повеќе од 148 милиони долари во неговата досегашна 10-годишна кариера, а во 2017 година тој потпишал продолжување на договорот од 228 милиони долари до крајот на сезоната 2022/2023. Другите приходи значително придонесуваат за неговото богатство. Во меѓувреме, Динамо има најнизок годишен буџет за плати во МЛС, според извештајот за јуни, од помалку од осум милиони долари за целиот тим. Лесно е да се види зошто во Динамо се возбудени поради потенцијалот на ѕвездата Харден – тој има 9,8 милиони следбеници на Инстаграм и 6,3 милиони на Твитер, во споредба со 423.000 на клубот и 3,3 милиони на МЛС. Динамо со победа над Торонто е на позиција за пласман во плејофот, но просечниот број гледачи се намали последниве сезони. Сегашниот просек од 15.557 гледачи е 19-ти во конкуренција на 24-те тима во МЛС. Овој број изгледа особено скромен, со оглед на тоа што Хјустон е петта по големина метрополитенска област во САД, со околу седум милиони жители.

Со зголемувањето на платите на играчите, но со само четири тима со просечна посета од над 25.000 гледачи сезонава и со приход од ТВ-права уште безначаен според стандардите на највисоките европски лиги, тешко е за тимовите на МЛС да остварат оперативен профит. Но франшизите сѐ повеќе вредат, а толку е голема побарувачката што лигата им наплаќа на новите членови надоместок за проширување од 200 милиони долари. Стадионите, пак, како и друг недвижен имот, можат да ја зголемат вредноста. И можеби најважно, комерцијалниот дел на МЛС, „Фудбал јунајтед маркетинг“, најверојатно ќе стане уште помоќен и профитабилен во подготовките за домаќинството на Северна Америка на Светското првенство во 2026 година, пишува „Гардијан“.

– Веруваме дека МЛС има огромна иднина во САД и мислиме дека е на почеток на залетот за нешто многу, многу големо. Мислам дека трендовите на младинскиот фудбал изгледаат неверојатно и се во вистинската насока, а тоа е поддржано од вредностите што почнувате да ги гледате во тимовите и во новите франшизни такси. Голем број пензионирани спортисти покажаа интерес, но за активен играч како Џејмс да се вклучи, мислам дека тоа е револуционерно – ја пренесе „Гардијан“ изјавата на Даг Раец, извршен директор на „Тру капитал менаџмент“.

Како што рече Леброн Џејмс за „Волстрит џрнал“ во 2011 година: „Првиот пат кога стапнав на теренот во НБА, станав бизнисмен“.