Светската кошаркарска федерација (ФИБА) ги одреди 24-те репрезентации што ќе играат во квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година. Претходно место на ЛОИ 2020 обезбеди домаќинот Јапонија, како и најдобрите репрезентации по континенти од Светското првенство што се играше во Кина, а тоа се Нигерија (Африка), Иран (Азија), Австралија (Океанија), Шпанија, Франција (Европа), САД и Аргентина (Северна и Јужна Америка заедно).

За преостанатите четири места ФИБА ќе организира четири квалификациски турнири, од кои само победниците ќе обезбедат олимписка виза.

На тие турнири ќе играат Ангола, Бразил, Канада, Кина, Хрватска, Чешка, Доминиканска Република, Германија, Грција, Италија, Јужна Кореја, Литванија, Мексико, Нов Зеланд, Полска, Порторико, Русија, Сенегал, Србија, Словенија, Тунис, Турција, Уругвај и Венецуела.

Во Токио, олимписката титула од ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро ќе ја брани селекцијата на САД. На тој турнир во Рио, од осумте репрезентации што обезбедија место на ЛОИ 2020, настапија и Шпанија (освои бронза), Франција, Австралија, Нигерија и Аргентина.