Градоначалникот Петре Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на комеморативната седница за Благоја Георгиевски-Буштур, во организација на Кошаркарската федерација, Националниот олимписки комитет и Градот Скопје.

– Скопје претрпе голема загуба со згаснувањето на живот на нашиот драг Благоја Георгиевски-Буштур. Буштур беше еден од најдобрите македонски кошаркари на сите времиња. Како таков остави јасен и силен белег во историјата на македонскиот спорт. Целата кариера, од првите чекори до последниот натпревар ја помина во својот Работнички. Тој беше миленик на навивачите и со секој натпревар одново ги освојуваше срцата на скопјани – изјави Шилегов.

Тој ги потсети присутните на неговите освоени два златни медала во поранешна СФРЈ, како и на прогласуването на Буштур за најдобар спортист во Македонија и за најдобар спортист на Град Скопје со добивањето на златната значка од Југословенскиот сојуз за физичка култура во 1972 година.

– Се сеќавам дека имав неполни 15 години во далечната 1984 кога Буштур го одигра последниот официјален натпревар меѓу КК Работнички и репрезентацијата на Југословенските ветерани во салата во Градскиот парк. Тоа беше еден спектакуларен меч кога скопската публика му приреди едно незаборавно збогување, токму такво какво што заслужи. Почитувани пријатели од неговото потесно и пошироко семејство, бидете храбри во поднесувањето на големата загуба. Нашите срца и мисли се со вас. Бидете горди со вашиот татко, сопруг, роднина. Неговите дела вечно ќе сведочат за неговата големина како човек, како врвен спортист и како урбана легенда и идол на многу генерации. Драг пријателе Буштур, почивај во мир и нека ти е вечна славата – кажа Шилегов пред присутните на комеморацијата на Буштур.

На комеморацијата присуствуваа поранешни соиграчи на популарниот Буштур, голем број сегашни и поранешни кошаркари, кошаркарски работници, како и спортски работници од земјава и од странство.