Кај Естонија во сегашниот поширок список има по осум кошаркари од домашното првенство и од странство. Нови имиња од настапот во Скопје се Маркус, Пасоја, Сут, Пуидет, Кирвес и Трејер, а отпаднаа Куламае (во Скопје постигна 31 поен) и Ване (16 коша)

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Македонската машка кошаркарска репрезентација в сабота и в понеделник во Талин, Естонија, ќе биде пред тежок испит во рамките на вториот квалификациски прозорец за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Германија, Чешка, Грузија и во Италија. Избраниците на селекторот Александар Тодоров ќе ги одмерат силите со репрезентациите на Италија и на Естонија. Сепак, многу работи се чини ќе зависат токму од мечот против Естонија, директниот конкурент за едно од двете места на ЕП од таа група, кој победи во Скопје, со 81-72.
Кај Естонците во сегашниот поширок список има осум кошаркари што играат во домашното првенство (четворица во Калин Крамо) и исто толку во странските првенства (тројца во Шпанија, двајца во Италија и по еден во САД, Германија и во Литванија).
Нови имиња од настапот во Скопје се Слим Маркус, Мартин Пасоја, Сајмон Сут, Јан Пуидет, Микел Кирвес и Каспер Трејер. Од составот отпаднаа Кристијан Куламае, кој беше предводник во победата во Скопје со 31 поен, од кои пет тројки, а на теренот помина 33 минути, како и Слим-Вандер Ване, кој постигна 16 коша за 30 минути.
По искуството на првиот меч, македонските кошаркари секако ќе треба најмногу да посветат внимание на брзата игра и контрите на естонските бекови, ударите за три поени, но и робусната битка и скокови под кошевите.
По две кола на табелата од квалификациската група Б води репрезентацијата на Италија со четири бода, пред Естонија и Русија со по три и Македонија со два бода.
На ЕП 2022 ќе играат двете најдобри селекции од групата, не сметајќи ја Италија, која веќе има обезбедено пласман како домаќин на континенталното првенство. 


На трибините по 250 гледачи

Со најновите мерки против ковид-19 во спортските сали, естонските власти го ограничија и бројот на гледачи на 250 за време на мечот Естонија – Македонија и во другите три средби од квалификациите во Талин за пласман на кошаркарското Европско првенство во 2022 година. Новите законски одредби стапуваат во сила на 28 ноември, на денот на почетокот на активностите во т.н. „балон“ во арената „Саку Сурхал“ во Талин.