Само тој ги има освоено титулите во НБА, НЦАА, Светското првенство и на Летните олимписки игри

Ентони Дејвис (27), кошаркарот на новиот НБА-шампион Лос Анџелес лејкерс, стана првиот во НБА со четири титули во четири различни натпреварувања. Покрај НБА-прстенот, ги освоил и шампионските пехари во универзитетското првенство (НЦАА) со Кентаки, во 2012 година (бил прогласен и за најдобар играч на фајналфорот), потоа како репрезентативец на САД истата година освоил и златен медал на Летните олимписките игри во Лондон, а во 2014 година и на Светското првенство во Шпанија.
Крилниот центар (212 см) во 2012 година беше прв избор на т.н. драфт во НБА од Њу Орлеанс и до 2018 година настапуваше за таа екипа. Седум пати досега играл на олстар-натпреварот во НБА, четири пати бил избран во најдобрата петорка, а трипати за најдобар блокер. Во годинашната финална серија, Дејвис просечно постигнуваше по 25 коша по меч (процент на успешност на шут од 57,7), како и 10,7 скока.
Меѓу кошаркарите со три од четирите трофеи се, на пример, Бил Расел, КС Џонс, Џери Лукас, Квин Бакнер, Меџик Џонсон, Мајкл Џордан, Кевин Дурант, Кајри Ирвинг, Андре Игудала, Алонзо Морнинг, Шекил О`Нил, Стив Смит, Дејвид Робинсон…