Дражен Далипагиќ

ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (5)

Годинава во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18. Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко ќе се потсетиме на историјатот на мундо-баскетот

Мундо-баскетот во 1978 година се одржал на Филипини, со 14 репрезентации. Во групата А биле СФР Југославија, Канада, Сенегал и Ј. Кореја. Југословените, предводени од селекторот Александар Николиќ, ги победиле Сенегал (99-64), Ј. Кореја (121-85) и Канада (105-95), која завршила втора во групата. Во групата Б играле Бразил, Италија, Порторико и Кина. Бразил ја совладал Кина со 154-97, а 154-те коша биле дотогаш најголемиот број постигнати поени на СП. Италија завршила како втора. Во групата Ц играле САД, Австралија, Доминиканска Република и Чехословачка. САД и Австралија минале понатаму.

Првиот дуел во финалната група против домаќинот, го добила Југославија (117-101), потоа Италија (108-76), САД (100-93), СССР со 105-92 (брилјирал Дражен Далипагиќ со 37 коша), Бразил (91-87), па Австралија со 105-101 (Петар Вилфан 28 коша).
Во мечот за бронза, Бразил минимално ја совладал Италија (86-85). Следувало едно од најспектакуларните и највозбудливи финалиња на СП помеѓу Југославија и СССР. Мечот бил изедначен на полувремето (41-41) и на крајот (73-73), па следувало продолжение, во кое Југословените, предводени од Далипагиќ (реализирал 21 поен), кој наедно бил прогласен за најдобар стрелец и МВП, славеле со еден поен (82-81) и со тоа вторпат ја освоиле титулата.
Во идеалната петорка на СП влегле, Југословените Крешимир Ќосиќ, Дражен Далипагиќ и Драган Киќановиќ, Владимир Ткаченко од СССР и Бразилецот Оскар Шмит.

Следувало 9-то по ред СП во Колумбија, во 1982 година, со 13 селекции од шест континенти. Во групата А биле Шпанија, САД, Кина и Панама, а Шпанците биле први, благодарение на победата против второпласираните САД (109-99). Од групата Б понатаму отишле СССР и Австралија, која со 75-73 го совладала Бразил по продолжението. Во групата Ц била Југославија, која ги победила Чехословачка (101-80), Уругвај (101-77), Канада со 88-78 (Мирза Делибашиќ најефикасен со 21 поен).
Во втората фаза, Југославија загубила од САД (81-88), па била победена Шпанија (108-91), следувал нов пораз од СССР (94-99), па победа над Колумбија (97-88) и Австралија со 105-91 (Далипагиќ 27 поени). Во дуелот за бронзата, Југославија во неизвесен меч славела над Шпанија (119-117), додека во финалето СССР ги победил САД (95-94) и третпат станал светски првак.

Во идеалната петорка на СП влегле Југословенот Драган Киќановиќ, Шпанецот Сан Епифанио, Американецот Док Риверс и Советите Анатолиј Мишкин и Владимир Ткаченко. Роландо Фрејзер од Панама бил најдобар стрелец (24 поени во просек по меч) и МВП на ова СП.


 

Финална табела 1978

1. Југославија 10-0
2. СССР 6-2
3. Бразил 8-2
4. Италија 6-4
5. САД 6-4
6. Канада 4-6
7. Австралија 4-6
8. Филипини 0-8
9. Чехословачка 5-2
10. Порторико 4-3
11. Кина 2-5
11. Доминикански р. 2-5
12. Ј. Кореја 1-6
13. Сенегал 1-6

Финална табела 1982

1. СССР 8-1
2. САД 7-2
3. Југославија 7-2
4. Шпанија 6-3
5. Австралија 4-4
6. Канада 3-5
7. Колумбија 0-6
8. Бразил 4-3
9. Панама 4-3
10. Чехословачка 4-3
11. Уругвај 2-5
12. Кина 1-6
13. Б.С. Коска 0-7