Во првото коло Словенија ја победи Аргентина со 118-100, а Дончиќ постигна 48 поени (седум помалку од олимпискиот рекорд), 11 скока, пет асистенции…

КОШАРКА – ЛОИ

Со одличната партија на својот прв натпревар на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, Лука Дончиќ најави дека е подготвен да ја предводи кошаркарската репрезентација на Словенија во трката за медали.
Во првото коло Словенија ја победи Аргентина со 118-100, а Дончиќ постигна дури 48 поени, што е за седум помалку од олимпискиот рекорд на легендарниот Бразилец Оскар Шмит, кој на ЛОИ 1988 постигна 55 поени против Шпанија. Дончиќ стигна до 48 поени за 31 минута игра, а со оглед на тоа дека натпреварот беше решен многу пред крајот, последните минути од мечот ги помина на клупата за резерви.
Словенецот погоди 18 од 29 шута од поле, вклучувајќи шест од 14 тројки и шест од седум слободни фрлања. Имаше и 11 скока, пет асистенции и три блокади.
Во групата Ц, во која игра Словенија уште се и репрезентациите на Шпанија и на Јапонија, која е следен противник на актуелниот европски првак Словенија.
По две првопласирани селекции од секоја од трите групи и двете најдобри меѓу третопласираните репрезентации ќе се пласираат во четврт-финалето на олимпискиот турнир.