Словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ продолжува да воодушевува со својата фантастична игра. Едноставно, тој речиси нa секој нов натпревар или урива или достигнува постојни рекорди во најсилната кошаркарска НБА-лига. Така беше и на последниот дуел, односно во тексашкото дерби, во кој неговиот клуб Далас го совлада Сан Антонио со 109-103.

Придонесот на Дончиќ во победата беше изразен со 26 коша, а имаше и 10 скока и 14 асистенции, што претставува негов 13-ти трипл-дабл ефект годинава. Дончиќ со последното постигнување на теренот, всушност, се впиша во историјата на Далас, но и во лигата воопшто. Два дена пред американското полнолетство, односно на 21-от роденден, тој го реализира својот 21. трипл-дабл во својата НБА-кариера, со што го израмни историскиот рекорд на клубот Далас, кој беше во сопственост на феноменалниот Џејсон Кид (10-кратен учесник на олстар-натпреварите, петкратен најдобар асистент на лигата и двократен олимписки првак со репрезентацијата на САД).

Но она што е рекордно, односно сепак го надминува Кид, е што за овој потфат на Кид му биле потребни шест играчки сезони во Далас, додека на Дончиќ тоа му појде од рака по само една и пол натпреварувачка НБА-сезона.