Неколкумесечната пауза поради пандемијата на коронавирусот ни малку не влијаеше врз формата и квалитетот на играта на НБА-ѕвездата Лука Дончиќ. И во продолжението од сезоната Словенецот продолжува да поставува рекорди според својот статистички ефект на теренот.

Така, во победата на Далас над Сакраменто (114-110), Дончиќ првпат имаше 20 скока, а на тоа ги додаде стандардните 34 поени и 12 асистенции. Со ова ново трипл-дабл постигнување, тој стана најмладиот играч во историјата на НБА-лигата со скор од најмалку 30 погодоци, 20 скока и 10 асистенции, притоа уривајќи го рекордот на Оскар Робертсон поставен дамнешната 1961 година (просек 30,8/12,5/11,4) кога имаше 23 години.

Дончиќ стана четвртиот играч во историјата на НБА, кој реализирал 34 поени, 20 скока и 12 асистенции на меч, а прв по Абдул Карим Џабар од 1976 г. наваму.
Актуелниот првак во НБА-лигата, Торонто, продолжува со победите на турнирот во Флорида, каде што го победи домашниот Орландо со 109-99, додека најдобриот тим на Западот, Лос Анџелес лејкерс, го впиша и вториот пораз по продолжувањето на НБА-лигата, овој пат од Оклахома со 86-105.