Еден од најталентираните европски кошаркари, Лука Дончиќ (19), не е задоволен од своето деби во НБА-лигата, и покрај тоа што забележа солиден учинок во поразот на Далас маверикс од Феникс санс 100-121. Словенечкиот бек оствари 10 поени, осум скока и четири асистенции, но имаше и пет загубени топки, како и слаба реализација (погоди пет од упатените 16 удари). 

– Се разбира дека сум среќен што го остварив својот сон, но имаме уште 81 меч. Мојата цел е секогаш да победувам. Играв лошо, според мене. Знам што можам да постигнам. Не сум среќен поради поразот – истакна Дончиќ, кој беше трет избор на драфтот од Атланта хокс, пред да биде разменет во Далас.

Тој добро го почна дуелот, со шест погодоци, три фатени топки и две успешни додавања во првите седум минути, но не продолжи во ист ритам поради проблемите со лични грешки.

Тренерот на Далас, Рик Карлајл, исто така, беше „тивок“ околу дебито на Дончиќ, одбивајќи да го коментира неговиот учинок.

– Далас загуби. Не станува збор за индивидуалци и за таквите глупости – остро одговори Карлајл, кога беше запрашан за коментар на партијата на талентираниот тинејџер.

Дончиќ беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на Евролигата (најмлад со ова признание во престижното натпреварување), како и на фајналфорот на кој го освои трофејот со Реал Мадрид минатата сезона, пред да стигне во НБА.