Со седмиот триумф по ред, во кој Димитријевиќ учествуваше со осум поени, четири асистенции и два скока, Хувентуд е на делба на четвртото место во шпанската лига, во која водат Барселона и Реал Мадрид

Младиот македонски кошаркар Ненад Димитријевиќ (21) продолжува да реди победи со својот клуб Хувентуд во шпанската лига. Во Бадалона, „зелено-црните“ забележена уште една значајна победа, над Билбао, со 96-87, благодарение на фуриозниот финиш во последната четвртина, во која постигнаа 33, а примија 24 коша. Македонскиот бек беше на теренот вкупно 12,14 минути, реализирајќи осум поени (4/6 за два поени), четири асистенции и два скока.
По почетните четири порази Хувентуд забележа седум победи во низа во најсилната европска лига и е на делба на четвртото место со Сан Паблос Бургос. Во водство со ефект 9-2 се вечните ривали Барселона и Реал Мадрид.

Димитријевиќ годинава на 10 натпревари има просек од 17,06 минути во игра, осум коша, 56,8 отсто успешност на удар за два поени, 32 отсто за три поени, 87,6 од слободни фрлања, 2,2 скока и 3,2 асистенции по меч. Хувентуд пред две години беше 15-ти, а лани заврши на седмата позиција во шпанското првенство.

Од другите македонски интернационалци, натурализираниот Македонец од американско потекло Шејн Витингтон со шпански Реал Бетис во Севилја убедливо го совлада Естудијантес, со 88-66. Витингтон играше 20 минути и реализира осум поени без промашување (2/2 за два и 4/4 за еден поен), пет скока и две асистенции. Бетис со ефект 3-8 е на 16-то место.

Македонскиот репрезентативец Стојан Ѓуроски, кој игра во француски Евре, загуби со 73-91 (петти пораз од осум средби) од Нант на гости. Ѓуроски играше 32 минути, постигна пет поена (0/3 за три 1/2 за два и 3/3 за еден поен), а имаше по два скока и асистенции. Евре моментно е на 13-то место во лигата Про-Б. Центарот Предраг Самарџиски имаше даблдабл-ефект, но тоа не беше доволно Самсун да не загуби (76-77) на гости во Анкара во меч од Втората турска лига. Самарџиски реализира по 14 коша и скока, плус четири асистенции, две освоени, три загубени топки и две блокади, за 40 минути игра.