Во рамките на 15-тото коло од првата кошаркарска лига кошаркарите на Куманово вечерва на домашен терен го совладаа Кожув од Гевгелија со 79:67 (41:37), со што ја забележаа деветтата победа ова сезона.

Кошаркарите на Куманово вечерва на домашен терен против екипата на Кожув од Гевгелија која на вечерашниот натпревар важеше за фаворит на хартија одиграа квалитетен натпревар и со максимално дисциплинирана и одговорна игра во текот на целиот натпревар на крајот стигнаа до многу важна победа од 79:67, со којашто уште повеќе се зацврстија на шестата позиција на табелата што обезбедува пласман и разигрување во завршницата од првенството. Но мора да се нагласи дека домашните кошаркари вечерва до победата стигнаа многу тешко и тоа дури во последната четвртина кога успеаја да го скршат отпорот на вечерва солидната и искусна екипа на Кожув, а којашто четвртина убедливо ја добија со (25:17), па на крајот сосема заслужено стигнаа до многу важна победа што во продолжението од првенството многу ќе влијае и на самодовербата меѓу играчите и раководството на клубот. Вечерашниот натпревар сам по себе покажа декаа екипата на Куманово и покрај скромниот ростер со кој екипата во моментот располага полека но сигурно го подигнува нивото на формата на екипата што секако претставува позитивен сигнал за влез во што помирна завршница на првенството.
Најефикасни кошаркари на натпреварот кај домашната екипа на Куманово беа Теодор Атанасов со 21 и Филип Стојановски со 19 кошови, додека пак кај екипата на Кожув Еван Пејн со 23 и Девон Џенкинс со 14 постигнати кошови.
Т.Д.