Крилниот центар, Американецот Ричард Хендрикс, вчера требаше да му се стави на располагање на селекторот на македонската машка кошаркарска репрезентација Јорданчо Давитков за претстојните натпревари со Косово (задутре) и со Романија (недела), од претквалификациите за ЕП 2021, што сигурно ќе биде значително засилување за црвено-жолтите. Американецот, кој во моментов е на подготовки со својот нов клуб, француски Ле Ман, повторно е во комбинација за националниот дрес, откако Американецот Шејн Витингтон, поради повреда oткажа.

– Секако дека Хендрикс ќе ни биде од голема корист во овој квалификациски циклус иако не остануваат многу денови до првите два натпревара. Од другите, Адем Мекиќ поради повреда неколку дена не тренира. Со другите кошаркари состојбата е добра и тие тренираат – вели селекторот Давитков.