Во 1971 година, Милвоки ја освои првата титула, кога за тимот играа Карим Абдул-Џабар и Оскар Робертсон. Феникс третпат играше во финалето, прво по 1993 година, но уште е без НБА-титула

КОШАРКА – НБА

Милвоки е новиот шампион во кошаркарската НБА-лига, вторпат во клупската историја и првпат по пауза од 50 години. Во финалето на плејофот, Милвоки го совлада Феникс во шестиот меч со 105-98, за вкупно 4-2 во победи, откако беше во негатива со 0-2. Јанис Адетокумпо (26) е прогласен за најкорисен играч (МВП) во финалната серија. Тој постигна 50 поени, на кои им придодаде 14 скока и пет блокади, погоди 16 од 25-те шута од поле, односно 17 од 19-те слободни фрлања. Адетокумпо, кого Милвоки го избра како 15-ти избор (т.н. пик) на драфот во 2013 година, е првиот играч со ефект од најмалку 40 поени, 10 скока и пет блокади во натпревар од финалето откако блокадите се евидентираат од 1974 година, објави НБА на својот твитер-профил. Тој стана седмиот кошаркар со 50 поени во меч од финалето.
Адетокумпо, покрај МВП-признанието, двапати бил прогласуван за МВП во регуларниот дел од сезоната, а лани ја доби наградата „Бил Расел“ за најдобар одбранбен играч на годината. Тој им се придружи на Мајкл Џордан, Леброн Џејмс, Џери Вест, Елџин Бејлор, Рик Бери и на Боб Пети, кои постигнувале по 50 поени на натпревар од финалето. Адетокумпо им се придружи и на легендите како Карим Абдул-Џабар, Меџик Џонсон и Тим Данкан, кои биле МВП на финалето помлади од 26 години.

– Сакам да му се заблагодарам на Милвоки што веруваше во мене, им благодарам на моите соиграчи. Верував во овој тим, сакав да победиме за овој град, сакав да го сториме тоа со овие момци. Се надевам дека ќе им дадам надеж на луѓето во светот, од Африка, од Европа, дека може да се успее. Пред осум и пол години, пред да дојдам во НБА, не знаев од каде ќе дојде мојот следен оброк. Мајка ми продаваше работи на улица. И сега сум тука, на врвот. Затоа сум пресреќен – изјави Адетокумпо.
Во 1971 година, Милвоки ја освои титулата во третата сезона на Карим Абдул-Џабар и на Оскар Робертсон во тимот. Во финалето тогаш го победија Балтимор со 4-0. Ова беше прво финале на Милвоки по 1974 година. Феникс третпат играше во финалето, прво по 1993 година, но уште е без НБА-титула.
Тројца играчи од финалето ќе заминат на Игрите во Токио каде што со репрезентацијата на САД ќе се обидат да го освојат златниот медал. Тоа се Крис Мидлтон и Џејру Холидеј од Милвоки и Девин Букер од Феникс.