Можеби најдоминантниот играч во поновата историја во НБА-лигата Леброн Џејмс, од синоќешниот натпревар против Денвер нагетс е четврти стрелец на сите времиња во најквалитетната кошаркарска лига на светот. Иако поразен и со минимални шанси за доигрувањето, самопрогласениот „Крал“ на НБА-лигата уште еднаш покажа дека може се вброи во најдобрите играчи на сите времиња. Моментално Џејмс има 32.311 поени од почетокот на неговата кариера, а пред него на вечната листа остануваат Коби Брајант со 33.643 поени, Карл Мелоун со 36.928 и Карим Абдул-Џабар со 38.387 поени.

Американски И-ес-пи-ен пишува дека достигнувањето на Џејмс е уште еден чекор во насоката да тој успее да го надмине својот кошаркарски идол Мајкл Џордан, предизвик кој според многумина, во текот на кариерата му беше главна мотивација на паркетите ширум лигата. За првпат, Леброн Џејмс го надмина Џордан во пролетта 2017 година, кога тој со своите „Кавалирси“ беше подобар во конферециското финале од Бостон селтикс, а со тројка на петтиот натпревар од серијата го постигна својот 5.987 поен во доигрувањата, со што уште еднаш докажа дека е играч за големи успеси. По натпреварот, Џејмс рече:
– Кога бев дете, правев сè како Мајкл Џордан. Шутирав како него, се облекував како него и се однесував така – потенцираше Леброн вечерта, уживајќи во овој нов личен рекорд.

Минатата пролет, во уште една успешна ноќ за човекот од Акрон од сојузната држава Охајо во САД, Кливленд кавалирс ги победија Њу Орлеанс пеликанс во натпревар кој им ја осигура позицијата во плејофот. Дополнително, ова беше натпревар во кој Џејмс по 867 пат успеа да уфрли двоцифрена бројка на поени, со што повторно сруши еден од рекордите поставени од страна на легендата на Чикаго булс. Уште еднаш, по натпреварот Леброн Џејмс гордо говореше за неговиот нов личен успех и за рекордот, но и за неговата цел да биде пример за сите млади спортисти од неговото родно место Акрон, се вели во анализата на престижниот спортски канал.

Синоќа, неколку недели пред почетокот на оваа пролет, Леброн Џејмс повторно сруши уште еден рекорд на Мајкл Џордан, сега во дресот на „Езерџиите“ од Лос Анџелес. Според многу познавачи на НБА-лигата, голема чест е да се надмине „Ем Џеј“ во било која категорија, но вреди да се спомене дека Џејмс има одиграно 100 натпревари повеќе во регуларната сезона од Џордан за да ја достигне оваа бројка. Остварувањата на кошаркарот кој може да игра на сите позиции на теренот се должат на неговата неверојатна посветеност, и на психички и на физички план, која му овозможува да игра кошарка на највисокото можно ниво веќе 16 сезони. Од друга страна, Џордан два пати се враќаше од „пензија„ и играше вкупно 15 сезони.

Но, за разлика од другите сезони, прославата за новиот рекорд ќе биде релативно кратка и ограничена, поради тоа што освен овој личен успех, Џејмс не може да се пофали со ниту еден друг успех оваа сезона со неговите „Лејкерс“. Тој за првпат по 14 сезони, сè поизвесно е дека ќе го пропушти доигрувањето, но и по подолго време нема на теренот играчи од олстар-калибар како што беа Кајри Ирвинг во Кливленд и Бош и Вејд во Мајами.

Според медиумите во САД, надминувањето на Џордан во постигнати поени е важен момент, но не е нешто што ја дефинира кариерата на популарниот „Крал Џејмс“. Напуштањето на Кливленд и пристигнувањето во западната конференција во тим на кој му е неопходно време за развој и добри потези со трејдови и драфтот, е време кое го нема Леброн Џејмс. Овој тим на „Лејкерси“, со моменталниот ростер на играчи не го носи кон крајната цел, односно шесте титули на Џордан. По сè изгледа дека тој се откажа од оваа засега невозможна трка и се чини дека тој е задоволен со она што го има постигнатно во НБА-лигата. Пред неколку недели, неговата изјава како да ја потврди претходната костатација.
– Нема нешто во лигата што го посакувам, а го немам. Сè дополнително е јаготка на шлагот за мене. Не бркам ништо дополнитело како момент на кој треба да ја завршам кариерата – рече Џејмс.

Јавното мислење, социјалните мрежи и ескпертите, како и за секое друго спортско прашање, се поделени. Неблагодарната споредба на Мајкл Џордан и Леброн Џемјс како по правило се провлекува во сите дебати кога се зборува за најдобрите на сите времиња. Едната страна тврди дека Џордан е недостижен на врвот поради своите титули и максималната успешност во НБА-финалињата (6 настапи, 6 победи), како и многу други поентерски способности карактеристични за легендата. Другата страна пак толкува дека разноликоста во играта на Леброн Џејмс, неговиот придонес на теренот, кој освен со поени се мери и со одлична игра во одбраната, голем број на асистенции и скокови, но и блокади и украдени топки, е доволен за тој може да го преземе епитетот „најдобар на сите времиња“.

Најверојатно е дека „Кралот“ нема да успее да освои оноклку титули колку што има Мајкл Џордан (Џејмс има 3 победи во 6 финални серии), но со сигурност може да се каже дека Леброн Џејмс со своите успеси остави сопствен белег во НБА-лигата и нови рекорди кои ќе треба многу време за се надминат.