Бруклин доби 72 отсто, а Дурант 37 отсто од гласовите на генералните менаџери на НБА-тимовите, кои традиционално секоја година го даваат своето мислење за многу нешта пред почетокот на новата сезона

КОШАРКА – ГЛАСАЊЕ ВО НБА ПРЕД ПОЧЕТОКОТ НА СЕЗОНАТА

Генералните менаџери на кошаркарските тимови од НБА-лигата традиционално секоја година го даваат своето мислење за многу нешта пред почетокот на новата натпреварувачка сезона. Тоа го сторија годинава и, според нив, најголем фаворит за титулата е екипата на Бруклин, а нeговата ѕвезда Кевин Дурант за најкорисен кошаркар (МВП) на лигата.
Бруклин доби 72 отсто од гласовите, пред Лос Анџелес Лејкерс (17) и Милвоки (10). Лани Лејкерс доби 81 отсто од гласовите дека ќе биде шампион. За МВП на лигата, Дурант доби 37 отсто од гласовите, Лука Дончиќ од Далас 33 отсто, а лани Јанис Адетокунпо од Милвоки имаше 33 отсто. Најдобар играч во градењето на тимот е Дончиќ (43), пред Адетокунпо (40), а лани тие добија по 43 отсто од гласовите.
Прв фаворит за најдобар центар е Никола Јокиќ од Денвер (63), пред Џоел Ембид од Филаделфија (23), а во минатата сезона Јокиќ (50). Во гласањето за најдобар странец во НБА, најмногу гласови доби Адетокунпо (60), пред Дончиќ (27), а за лани Адетокунпо доби 68 отсто од гласовите пред почетокот на сезоната.
Најдобри додавачи се Леброн Џејмс од Лос Анџелес Лејкерс и Јокиќ од Денвер, и двајцата со по 33 отсто од гласовите (лани беше Леброн Џејмс со 46). Најголеми лидери на екипите се Пол Крис (43), пред Леброн Џејмс (20) и Демијан Лилард од Портланд (17). А кому да му се довери решавачкиот шут, 41 отсто од главните менаџери во НБА-лигата се одлучиле за Кевин Дурант, пред Стеф Кари од Голден стејт (24) и Лилард (17). Лани, пак, најмногу гласови во таа категорија добил Лилард (32).