КОШАРКА – НБА

Бруклин се искачи на лидерската позиција во Источната конференција од кошаркарската НБА-лига, откако забележа победа во дуелот со Хјустон (120-108), завршувајќи го март со ефект од 11 победи и два пораза. Победата на Бруклин беше обележана со дабл-дабл ефектот (двоцифрен ефект во две статистички категории) на Кајри Ирвинг со 31 поен и 12 скока.
Лука Дончиќ продолжи со одличните игри и го водеше својот тим Далас до победа над Бостон со 113-108. Тој го заврши мечот со 36 коша, од кои седум тројки, а забележа и осум скока и пет асистенции. По победата, Далас е седми на табелата на Западната конференција, со 25 победи и 21 пораз, а Бостон е осми на Истокот, со 23 победи и 25 порази.
Победи на гостински терен славеа кошаркарите на Портланд и на Мајами, во дуелите со Детроит (124-101) односно со Индијана (92-78). Најзаслужен за победата на Портланд беше Демијан Лилард, кој оствари двоцифрен ефект со 33 коша и 10 асистенции.
Извонредна ноќ имаше Девин Букер, кој постигна 45 поени во победата на Феникс над Чикаго со 121-116. На крилјата на Џури Холидеј, кој го заврши мечот со 28 поени, осум скока и шест асистенции, Милвоки на гостински терен славеше победа над Лос Анџелес лејкерс со 97-112, Сан Антонио го победи Сакраменто со 120-106, а Оклахома со 113-103 беше подобра од Торонто.