Kошаркарите на Бостон Селтикс се на една победа од големото финале во НБА лигата , откако ноќеска го победија Кливленд Кавалирс со 93:86 и поведоа со 3-2 во плејофот од Источното финале.

Повторно како клучна во меѓусебните дуели се покажа разликата што една од екипите ја направи во првата четвртина. Овојпат Бостон подобро стартуваше и по 12 минути имаше двоцифрена предност 32:19.

Џејсон Тејтум со 24 поени и седум скокови беше најдобар играч во победничкиот состав, кај гостите се истакна Леброн Џејмс со дабл-дабл ефект – 26 поени и 10 скокови.

Шестиот натпревар од серијата е закажан за ноќта петок кон сабота на теренот на Кливленд.