Kошаркарскиот клуб Блокотехна успеа, по само по две години од своето основање, да го крене првиот победнички пехар во меѓународна конкуренција, триумфирајќи во Балканската лига (БИБЛ). Лани тимот играше во полуфиналето. Во финалниот дуел на фајналфор-турнирот во Тирана (Албанија) сезонава, гевгеличани, кои настапија со ослабен состав, го совладаа домашниот претставник Теута со 82-68.

Во полуфиналето Блокотехна беше подобра и од бугарскиот претставник Академик со 79-74. Во мечот за третото место Академик го совлада Берое со 86-57. Кошаркарот на Блокотехна, српскиот интернационалец Данило Мијатовиќ, го доби признанието најкорисен играч (МВП) во лигата, иако на фајналфорот поради повреда не настапи.
– Овој успех е огромна сатисфакција за сите нас во клубот, за сите работи што ни се случуваа, проблемите со повредите, а денеска можеме да се пофалиме дека сме регионални прваци. Чувството е прекрасно – рече Марјан Илиевски, тренерот на Блокотехна.

Во Балканската лига титула освои и Фени индустри, откако во сезоната 2010/2011 во Кавадарци го освои првото место совладувајќи го во финалето Рилски спортист од Бугарија со 88-75. Од другите македонски екипи во БИБЛ, пред 10 години Работнички играше во финалето со Риски спортист, а второ место во ова натпреварување освои и Куманово, во сезоната 2016/2017.

Секако, најголем успех во македонската клупска кошарка е настапот на Работнички во Купот на победниците на куповите (КПК), во сезоната 1975/1976, кога скопјани стигнаа до полуфиналето. МЗТ Скопје, пак, во Јадранската лига има шест настапи, а најдобриот пласман го оствари во својата прва сезона, 2012/2013, кога го освои седмото место. Поединечно, за издвојување е победата со 69-68 во 1996 година во Скопје над еден од најголемите европски клубови на сите времиња, Реал Мадрид, во меч од 6-то коло на Сапорта купот, во сезоната во која потоа тимот се пласира меѓу 32-те најдобри екипи.