КОШАРКАРКИТЕ ГИ ДОБИЈА РИВАЛКИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ЕП 2023

Македонската женска сениорска репрезентација е во групата А, а квалификациите ќе се одвиваат во 10 натпреварувачки групи, во три прозорци

Македонската женска сениорска репрезентација ќе игра во групата А, на претстојните квалификации за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2023 година. Ждрепката во Минхен (Германија) сакаше црвено-жолтите девојки да се најдат заедно со репрезентациите на Белгија, Германија и на БиХ.

Со оглед на бројот на пријавени селекции, квалификациите за пласман на Евробаскетот во 2023 година, ќе се одвива во 10 натпреварувачки групи. Осум од нив се составени од по четири, а две од по три селекции. Двете држави, односно домаќините на ЕП, Словенија и Израел, исто така ќе бидат дел од овие квалификации.
Според системот за натпреварување, најдобрите 10 селекции во групната квалификациска фаза, како и четирите најдобри што ќе завршат како второпласирани, ќе обезбедат учество на завршниот турнир. Ако во тие 14 репрезентации се и двете што се наедно и домаќини, тогаш право на настап добиваат следните две со најдобар резултат од второпласираните национални селекции. Квалификациите ќе се одвиваат во три прозорци. Првиот е од 11 до 14 ноември годинава. Вториот од 24 до 27 ноември идната година, а третиот од 24 до 27 февруари 2023 година.