Денеска и на 16 август, Maкедонија ќе игра со Швајцарија, а на 14 и на 18 август со Словачка, сите натпревари се со почеток во 19 часот. Првопласираните две селекции ќе бидат дел од главните квалификации за СП, во кои ќе играат вкупно 32 селекции

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИСКИ ТУРНИР ЗА СП 2023

Македонската сениорска кошаркарска репрезентација, предводена од новиот селектор Драган Бајиќ, денеска го започнува претквалификацискиот турнир во Скопје, за пласман на Светското првенство (СП) 2023. Турнирот ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ и ќе трае до 18 август, Македонија во овие претквалификации за СП е во групата Ф, заедно со Швајцарија и со Словачка. На 12 и 16 август, жолто-црвените ќе играат со Швајцарија, а на 14 и на 18 август со Словачка, сите натпревари се со почеток во 19 часот. Швајцарија и Словачка, пак, ќе играат меѓу себе на 13 и на 17 август. Првопласираните две селекции ќе бидат дел од главните квалификации за СП, во кои ќе играат вкупно 32 селекции.
– Имаме добра атмосфера и верувам во овие момци и покрај тоа што можеби немаме квалитет. Знам дека тие по секој натпревар со „крвави“ колена ќе го напуштат теренот. Полн сум со самодоверба и поради овие кошаркари, без разлика на респектот кон Швајцарија и Словачка, сигурен сум дека ќе оствариме добар резултат. Ќе се обидеме во последните тренинзи да ги отстраниме сите недостатоци, а потоа да ја завршиме работата и да ги поминеме квалификациите – оптимист е селекторот Бајиќ во пресрет на турнирот во Скопје.
Македонија, која на овој турнир ќе настапи ослабена и со подмладен состав, без браќата Војдан и Дамјан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и уште неколкумина играчи што се повредени, во подготвителниот период одигра само два контролни натпревара со Црна Гора, а забележа пораз (59-81) и победа (65-58).