Во првиот натпревар против Шпанија мора да влеземе со голема самодоверба и мотивираност, затоа што се носи дресот со државниот грб, вели македонскиот селектор Бајиќ

КОШАРКА – ПРОДОЛЖУВААТ ПОДГОТОВКИТЕ ЗА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА СП 2023

Македонската машка сениорска репрезентација, предводена од селекторот Драган Бајиќ, продолжува со мини-подготовките во СЦ „Јане Сандански“, пред почетокот на квалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година. По неделниот собир во Скопје, тие вчера претпладне го одржаа и третиот заеднички тренинг пред првиот дуел во ноемврискиот „прозорец“ против актуелниот светски првак, Шпанија, кој се игра в петок (19.30 ч.), во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
– Јас сум оптимист, верувам во она што го работам. Се надевам дека публиката ќе дојде во голем број и ќе нѐ поддржи на мечот со Шпанија. Ако се вратиме малку назад и во тие претквалификации што сме ги имале, многу ни значи тоа што успеавме да се пласираме во главниот квалификациски круг. Во првиот натпревар против Шпанија мора да влеземе со голема самодоверба и мотивираност, затоа што се носи дресот со државниот грб, и ако ни се укаже шанса, може да го изненадиме противникот. Но мора да бидеме реални, Шпанија со кој било тим да дојде, треба да имаме максимален респект кон нив – вели селекторот Бајиќ.
Бајиќ потенцира дека пласманот во квалификациската рунда радува, но и дека во квалификациите за СП има многу сериозни репрезентации, кон кои мора да се гледа со максимален респект, но и дека не треба да се преценуваат, оти Македонија во минатото многупати славела иако не била фаворит на хартија.
– По моето доаѓање, најавив дека ќе го подмладуваме тимот и истовремено ќе се бориме да имаме подобри резултати. Овој циклус, со вакви звучни имиња, сигурно добро ќе ѝ дојде на оваа селекција за следниот период. Го пропуштивме претходното ЕП, но се надевам дека ќе играме понатаму. Имаме сериозни ривали, како Шпанија, Грузија, Украина, но во кариерата сум победувал посилни екипи и со многу полоши тимови – вели Бајиќ.
По дуелот со селекцијата на Шпанија, в понеделник ќе следува и втората средба против Украина, која ќе се игра во „Палатата на спортовите“ во Киев. Македонија во овие квалификации е во групата Г, а покрај Шпанија и Украина е и селекцијата на Грузија.