На секој меч во претстојните квалификации за ЕП 2021 очекувам победа. Оптимист сум, а таков бев и додека играв активно, вели претседателот на КФМ, Перо Антиќ

Можеби за некого ќе звучи нереално, но јас на секој меч во претстојните квалификации за Европското првенство во 2021 година очекувам победа. Оптимист сум, а таков бев и додека играв активно. Имаме добра репрезентација, со млади надежни кошаркари, ќе создадеме добри услови за работа на репрезентативците какви што сме немале досега. Сум бил играч и многу добро знам какви услови ми биле потребни за добар напредок. Со селекторот е веќе разговарано што сѐ им е потребно на играчите. Имаме добри тренери, играчки таленти, само е потребно да им се овозможат добри услови за работа и, секако, целосна поддршка, изјави претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Перо Антиќ.

Македонската сениорска репрезентација уште нема нов селектор по смената на Јорданчо Давитков.

– Селектор на машката репрезентација наскоро ќе има, стручен штаб исто така, а нив и официјално ќе ги претставиме на прес-конференција, најверојатно следната недела. Имаме стручен тренерски совет, направена е анализа, разговарано е со сите потенцијални тренерски кандидати и сметам дека го донесовме најдоброто решение за македонската сениорска репрезентација. Кандидатот што го посакувавме за тоа место, Октај Махмути, одговори дека многу жали што не може да ја води репрезентацијата. Тој е професионалец и не може да биде на две места истовремено, па, така, ако беше назначен за селектор, тогаш квалификациските дуели за ЕП 2021 требаше да ги води од клупата неговиот асистент – појаснува Антиќ.

На вчерашната средба со новинарите беше објавено дека КФМ доби спонзорство од 615.000 денари од Државната видеолотарија.

– Државната видеолотарија станува силен поддржувач на националните кошаркарски А-селекции. Со оваа донација, јасно ја поддржуваме визијата на КФМ, овозможувајќи им на кошаркарите прецизно да нишанат кон кошот, додека ги бранат репрезентативните бои на нашата земја – рече Виолета Чадиковска, претставничката на Државната видеолотарија.