Ќе биде ли доволна една топка за Вестбрук и Харден?

150

Оклахома сити тандер се согласи да го размени својот најдобар кошаркар Расел Вестбрук во Хјустон, објави новинарот и НБА-инсајдер на „И-ес-пи-ен“ Адријан Војнаровски. Најкорисниот играч на лигата од 2017 година во Хјустон ќе му се приклучи на поранешниот соиграч од Оклахома, Џејмс Харден.

Поради стилот на играта и големата потрошувачка на топки во нападите, многу експерти но и навивачи сметаат дека двајцата нема да можат успешно да играат заедно, но се очекува тренерот Мајк Д’Ентони успешно да го вклучи Вестбрук во кошаркарскиот концепт на „ракетите“.

Со оваа размена, продолжува возбудливиот преоден рок во најсилната кошаркарска лига, откако претходно Кевин Дурент и Кајри Ирвинг потпишаа за Бруклин нетс, Каваи Ленард и Пол Џорџ за Лос Анџелес клиперс, Антони Дејвис отиде кај Леброн Џејмс во Лејкерси и многу други.

Американските медиуми за губитник од оваа размена го сметаат Крис Пол, кој заедно со пикови за драфтот во 2024 и 2026 година замина во Оклахома.

Со заминувањето на Вестбрук завршува една ера во Оклахома. Тој беше последниот член од оригиналниот тим, кој заедно со него го сочинуваа Харден и Дурент.

Во кариерата за Оклахома плејмејкерот одигра 821 натпревар, со просек на 23 поени, 8,4 асистенции и седум скока по натпревар.