„Чудото од дете“ Дончиќ ја освои и Евролигата во сезоната од сништата

1613
Лука Дончиќ (десно) во акција

Најталентираниот европски кошаркар Лука Дончиќ (19) ја освои Евролигата со Реал Мадрид, славејќи над досегашниот шампион Фенербахче со 85-80 во финалето на фајналфор-турнирот во Белград, со што продолжи неговата сезона за паметење.

Младиот играч познат под прекарот „чудо од дете“, забележа 15 поени во завршниот меч, додека претходно постигна 16 коша во триумфот над ЦСКА Москва 92-83, во полуфиналето.

Дончиќ стана европски првак со репрезентацијата на Словенија летоска, беше прогласен за најкорисен играч (МВП) на Евролигата (најмлад со ова признание во престижното натпреварување), како и на фајналфорот на кој стигна до трофејот.

Одличниот бек бележеше 16,1 поен и 4,4 асистенции во просек, а имаше и најдобар индекс на корисност од 21,69 (математичка формула за ефикасност, пресметана врз основа на повеќе статистички категории) во изминатото издание на Евролигата.

Бекот на Реал е најмладиот МВП во Евролигата

Згора, се очекува тој да биде прв или втор избор на претстојниот драфт во НБА-лигата што ќе се одржи на 21 јуни, со што ќе ја комплетира сезоната од сништата. Феникс санс го имаат првиот пик, а Сакраменто кингс вториот избор на драфтот. Дончиќ допрва ќе одлучи дали ќе замине во најсилната светска кошаркарска лига. 

Словенечкиот репрезентативец со пехарот од Евробаскетот

Реал Мадрид стана европски клупски првак по јубилеен десетти пат, со што „кралевите“ се најуспешни на Стариот Континент, пред ЦСКА Москва која седумпати беше шампион на Европа. Литвански Жалгирис го освои третото место совладувајќи ја токму ЦСКА Москва со 79-77, во дуелот на поразените полуфиналисти на фајналфорот. М.Ж.