Тодоров задоволен од тестот пред Естонија

159
Фото: Игор Бансколиев

Репрезентацијата на Македонија одигра тест-дуел со Гостивар пред мечот задутре со Естонија во Скопје, во 1. коло од квалификациите за ЕП 2021

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Александар Тодоров, не го криеше задоволството по одиграните 40 минути, во тест-дуелот на неговите избраници со Гостивар, моментно второпласираната екипа во Првата лига, пред претстојните два квалификациски дуела за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, против Естонија задутре (20.15 ч.) во СЦ „Борис Трајковски“ и против Русија в недела во Перм. Тој на теренот ги испроба сите 15 репрезентативци.

– Тестот можам да го оценам како многу корисен, во кој можев да видам до кое ниво на подготвеност сме. Оваа проверка беше планирана. Гостивар има тим што може идеално да парира, со оглед на фактот што зад нас се само неколку тренинзи.

Информациите од мечот ги задржуваме за себе, а во насока на креирање на следните чекори и планираното за финалниот дел од подготовките. Имаме уште неколку дена за тренинг и максимално ќе ги искористиме. Видовме што и како би можело да изгледа сето тоа, за двата дуела. Ќе анализираме заедно со моите соработници. Ќе се обидеме да направиме корекции во оние делови каде што сметаме дека тоа може да биде и подобро, а сѐ во насока максимално подготвени да ги дочекаме мечевите со Естонија и со Русија – вели Тодоров.

Македонија во овие квалификации е во групата Б, од која на ЕП 2021 ќе се пласираат најдобрите две репрезентации, плус Италија, која е еден од четирите домаќини на континенталниот шампионат, покрај Чешка, Германија и Грузија.