Тодоров го одреди тимот за мини-турнирот во Талин

150

Македонската селекција в сабота треба да игра со Италија, а потоа и со Естонија, во нови два меча од квалификациите за ЕП 2022

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Селекторот на македонската репрезентација, Александар Тодоров, ги одреди кошаркарите за мечевите со Италија в петок и со Естонија в недела, на мини-турнирот во Талин, во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2022 година, кое треба да се игра во Италија, Грузија, Германија и во Чешка. Во Талин ќе настапи и селекцијата на Русија. По две кола води Италија со четири бода, Русија и Естонија имаат по три, а Македонија два. Во Талин треба да се играат и средбите Естонија – Русија и Русија – Италија.
Во составот на Тодоров се Војдан Стојановски (Данкерк, Франција), Џејкоб Вајли (Гран Канарија, Шпанија), Љубомир Младеновски, Виктор Ефремоски (двајцата од Работнички), Дамјан Стојановски, Андреј Магдевски, Филип Бакоч, Кристијан Николов (сите од МЗТ Скопје Аеродром), Марко Симоновски (Кожув), Бојан Трајковски (Пелистер), Лука Савиќевиќ, Леонид Тодоровски (двајцата од МЗТ Скопје Уни банка).

Од противниците на Македонија во овој квалификацискиот дел за ЕП 2022, Естонија досега настапила на четири европски првенства, во 1937 година (петто место), 1939 (петто), 1993 (шесто) и во 2001 година (21. место). Македонија, пак, досега играше на пет континентални првенства, а најголемиот успех го постигна во 2011 година, кога беше четврта.

Со оглед на тоа што Италија како еден од домаќините има обезбедено пласман на ЕП, трката за другите две места од оваа група за пласман на ЕП ќе се води помеѓу Русија, Естонија и Македонија. Ако ги погледнеме претходните квалификации, за ЕП 2017, најголемиот конкурент на Македонија, Естонија, која славеше во Скопје во февруарскиот квалификациски прозорец, беше втора во групата со четири селекции, забележувајќи по три победи (две над Португалија и една над Белорусија) и порази (од Белорусија и два од Полска) и не се пласира на ЕП. Италија на ЕП 2017 стигна до четврт-финалето, а Русија го освои четвртото место.