Темпераментен кошаркар со прецизна рака

1156
Јанко Луковски (во средина)

Јанко Луковски беше еден од незаменливите кошаркари на Работнички, кога скопскиот клуб, предводен од Лазар Лечиќ, го отвораше патот кон елитата. Неговата рака ретко затреперуваше и во тоа време да имаше „тројки“ секогаш ќе беше меѓу најефикасните. Кариерата на Луковски беше исполнета со многу доживувања на кои и денеска со возбуда се сеќава

Кошаркарите на Работнички вo годините по катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година беа вистински хит. Прекуноќ тие станаа миленици за спортската публика, која секогаш, особено по првото влегување во елитната југословенска лига, им даваше максимална поддршка. Едноставно КК Работнички стана спортски синоним на Македонија, не само на просторите на поранешната држава, туку и во Европа.
Тој, во периодот кога го доживуваше својот расцут, можеби немаше играчи со којзнае какви кошаркарски предиспозиции, но затоа, пак, тие имаа срце и душа, имаа карактер. Токму тој адут го искористи легендарниот Лазар Лечиќ, кој од истите тие кошаркари создаде еден цврст и хомоген тим. Со неговата појава почна да се осовременува играта под кошевите, па како резултат на тоа дојде до доближување на македонската до југословенската кошарка.
Еден од плејадата играчи што има посебно место не само во клубот, туку и во нашата кошаркарска историја секако е Јанко Луковски. Тој и Стерија Андоновски, популарно наречен Дули, многу години беа главните адути во екипата. Без нив, едноставно, не можеше да се замисли Работнички. Тие беа бековски тандем, кој го посакуваше секоја прволигашка екипа. Нивната рака беше прецизна, речиси непогрешлива, и доколку тогаш имаше „тројки“ редовно ќе беа меѓу најефикасните играчи. Кога тие ќе ги нагодеа нишанските справи „страдаа“ и најголемите ривали. Јанко беше и бескомпромисен борец на теренот, беше темпераментен играч со големо срце.

ВРЕМЕ НА ГОЛЕМ ЕНТУЗИЈАЗАМ

Она што го красеше Работнички, а можеби и го издигнуваше над другите екипи, беа другарството и хармонијата во тимот. Тоа беа момчиња што дишеа како еден, а немирниот дух на Лечиќ и кај нив како да ги разгоре страстите, па така тие, сакајќи да се докажат, прераснаа во големи играчи.
– Тоа беше време на голем ентузијазам, кој се граничеше со фанатизам. Кога како деца врвевме покрај кошаркарското игралиште на Работнички, кое беше лоцирано на местото на денешната сала во Градскиот парк, и не помислувавме дека еден ден и ние ќе заиграме кошарка, дури ќе стигнеме дотаму да играме значајна улога во Првата југословенска лига. Но судбината е чудна, не секогаш може да се предвиди. Така, иако за мене сите од опкружувањето во Дебар Маало очекуваа да станам фудбалер, бидејќи мојот татко беше фудбалер, подоцна и тренер, ете јас се најдов во кошарката – ја почнува приказната за себе Јанко Луковски.

Во 1962 година Јанко веќе заигра во младинската екипа на Работнички, за која настапуваше на републичките првенства. Уште во почетокот од кариерата, покрај тоа што импресионираше со својата борбеност, кај него се забележуваа и многу други особини што говореа дека може да се развие во голем кошаркар.
И навистина така беше. По почетните години во кои помина низ онаа задолжителна младинска селекција, Јанко Луковски за невообичаено краток период заигра и за сениорската екипа на Работнички.
– Првиот настап за сениорите го имав на познатиот зимски кошаркарски турнир во Куманово. Се сеќавам се играше во салата на ДТВ Партизан, таблите беа дрвени, обрачите искривени. Тоа за мене беше големо доживување. Тренер ни беше еден од основоположниците на македонската кошарка Стефан Тодоровски-Цефи – вели Луковски.

СПОЈ НА ТРЕНЕРСКИТЕ СО АМБИЦИИТЕ НА КОШАРКАРИТЕ

Кон крајот на 50-тите и почетокот на 60-тите години на минатиот век костурот на екипата уште го сочинуваа постарите играчи, кои беа на залез од кариерата: Петровски, Лазов, браќата Ѓуковиќ, Дрнков, Мировски, Јовановски, а како најмлад и најквалитетен меѓу нив беше Александар Књазев, кој долго остана во клубот и беше спој помеѓу постарите и оние помладите што допрва стапуваа на сцена.
– Среќна околност беше што токму по земјотресот од школување во Белград се врати Лазар Лечиќ. Тој беше човек со големи тренерски амбиции, а во себе имаше акумулирано и знаење од прославениот и легендарен тренер д-р Аца Николиќ. Сакајќи и тој да достигне едно високо ниво во спортот, со кој се занимаваше од младоста, почна да работи на осовременување на играта на Работнички. Затоа, многумина знаат да кажат дека тој беше творец на модерната кошарка во Македонија, што е и вистина. Јас бев среќен што се најдов во тимот, кога Лечиќ амбициозно тргна напред, сакајќи да му докаже на спортскиот свет дека и Македонија е талентирана нација за кошарката. Неговите амбиции се споија со нашите, па така сите ние тргнавме по кошаркарскиот пат не знаејќи до каде ќе стигнеме – вели Луковски.

ОСТВАРЕН ПРВОЛИГАШКИОТ СОН

По многу неуспешни квалификации за влегување во Првата лига, кога малкумина очекуваа и веруваа дека тоа може да се случи, во 1964 година – Работнички на турнирот во Славонски Брод конечно се избори за прволигашкиот статус.
– Се сеќавам, тоа беа многу возбудливи моменти за сите нас. Таму нѐ водеше Цефи, но не можејќи да издржи, на решавачките натпревари се приклучи и Лечиќ, кој побегна од војска за да биде со нас. Ете, дотаму одеше тој ентузијазам – вели Јанко Луковски.
Влегувањето на КК Работнички во најсилното југословенско друштво беше рамно на сензација. Но тоа создаде обврска за управата, која мораше да мисли за создавање услови за нормална работа, а Лечиќ беше тој што требаше да се грижи за играчкиот кадар. Практично, тогаш беше создаден оној тим, кој подоцна неколку години го носеше сиот товар на својот грб. Књазев беше лидер на екипата, во која од постарите тука беа уште Савовиќ и Георгиев, а од помладите играчи почнаа да се афирмираат Андоновски, браќата Јанко и Митко Луковски, Боцевски, Ѓорѓевски, за подоцна да се појават Радосављевиќ и Георгиевски, кој стигна најдалеку и неколку години беше стандарден репрезентативец и олимпиец. Направив една дигресија за да се потсетиме на составот на тимот во тие години, а сега ја продолжува својата приказна Јанко Луковски.

– Карактеристично за Работнички беше што покрај играчите, кои беа вистински фанатици, имаше и управа составена од големи ентузијасти. Не можам да не ги споменам Стево, Спиро и Бато Смилјановски, кој беше и еден од главните иницијатори и реализатори за изградбата на салата во Градскиот парк. Инаку, додека се градеше салата игравме во стариот Скопски саем, денешно СРЦ „Кале“, а повремено настапувавме и во другите сали, како на пример онаа во Чаир. Афирмираните југословенски екипи во почетокот уште не нѐ сфаќаа сериозно, па често беа изненадени кога ќе наидеа на отпорот што им го дававме. Насекаде беше интересно и возбудливо. Се сеќавам и на еден инцидент со загрепска Локомотива, по кој бевме казнети и неколку средби моравме да одиграме во Кавадарци – вели Јанко.

ЦЕЛА ПОСТАВА ОД БЕКОВИ

Јанко Луковски, што е и нормално, не го заборава своето деби во прволигашката конкуренција.
– Тоа беше натпреварот со Борац од Чачак. Бев изненаден, а по малку и уплашен кога на состанокот пред мечот Лечиќ ми рече дека јас треба да го чувам нивниот најдобар стрелец Мишовиќ. До вчера не можев ни да сонувам дека еден ден ќе играм со него, а сега требаше и да го чувам. Откако почна натпреварот цело време бев покрај него, се борев, го бркав по теренот. На крајот Лечиќ беше задоволен од мојот ефект. Незапирливиот Мишовиќ, сепак, дојде до својот просек постигнати кошеви, но затоа, пак, не го надмина – вели тој.
За тогашниот Работнички беше проблем што во тоа време немаше високи играчи. Едноставно во Македонија „двометрашите“ тешко се наоѓаа.

– Тоа беше голем хендикеп. Но затоа, пак, ние со борбена и фанатична игра го дополнувавме тој недостиг. Лечиќ беше авангарден тренер, не се плашеше и секогаш ќе измислеше нешто ново. Така, се случуваше некогаш да играме дури со пет бека, сите гиневме на теренот и секогаш го дававме својот максимум. Затоа, и новинарите често за нас знаеја да напишат дека „лавовски“ сме се бореле – рече Луковски.
Кошаркарскиот свет се чудеше на ваквиот начин на игра. Но Лечиќ често немаше друг избор, составот со кој располагаше го наложуваше тоа. Така, благодарејќи на тие импровизации, дојде и до некои иновации во играта, па се стигна и до онаа „зона прес“, по која многу години Работнички беше препознатлив. Ваквата зона, се разбира само на моменти, стана и дел од играта на југословенската репрезентација.
За прволигашките доживувања, за испаѓањето и враќањето во елитното друштво, за средбите со Партизан и со Борац, во кои Работнички влегуваше со посебен мотив, и за тоа како понатаму течеше кариерата на еден од најдобрите македонски кошаркари Јанко Луковски ќе читате идната недела. Преку неговото кажување ќе се потсетиме на многу интересни моменти и од кариерите на неговите соиграчи, а ќе стане збор и за периодот кога целосно ѝ се посвети на тренерската работа.


Јанко Луковски

Роден: во 1946 година во Скопје
Кариера: КК Работнички, КК Скопје, младинска репрезентација на Југославија
Успеси: влегување со Работнички во Првата југословенска лига, финалист на Купот на Југославија, неколку пласмани од 5-то до 7-то место во Првата лига, настапи за младинската репрезентација на поранешната држава
Тренерска кариера: Работнички, Спартак, Војводина, сопствена кошаркарска Академија во Нови Сад
Успеси: трето место во Првата југословенска лига и учество во две финалиња на Купот на Југославија во Босански Брод и во Ниш.


На клупата на Црвена звезда

Јанко Луковски беше познат по својот темперамент, па, така, знаеше понекогаш да изведе и некој потег за да ја развесели публиката во салата.
– По еден противнапад во мечот со Црвена звезда, враќајќи се назад кон нашата половина, дојдов и седнав на клупата на Црвена звезда. Играчите на Црвена звезда не знаеја што се случува и помислија дека сум се збунил и сум ја „промашил“ клупата. Не можеа да сфатат дека јас тоа го направив за нив да ги збунам, а и за забава на гледачите – раскажува Јанко Луковски.