Стратегијата за непобедливост на „воините“ не е потполно сигурна?

686
Голден Стејт вориорс со Казинс ќе имаат петорка од олстар-кошаркари

Многумина го прогласија тимот на Голден Стејт вориорс за непобедлив, откако актуелниот НБА-шампион договори едногодишна соработка вредна 5,3 милиони долари со центарот Демаркус Казинс, комплетирајќи петорка од олстар-кошаркари. Но, одредени кошаркарски експерти сметаат дека ваквата стратегија, која на „воините“ претходно им донесе успех (со ангажманот на олстар-играчот Кевин Дурент), можеби нема да ги даде очекуваните резултати, пренесува магазинот „И-ес-пи-ен“.

Казинс моментно се опоравува од тешката повреда на Ахиловата тетива од јануари, со што се очекува тој да се врати на паркетот кон крајот на декември, но познавачите на состојбите сугерираат дека е неизвесно дали тој воопшто би можел повторно да игра во некогашната врвна форма, по долгата пауза. Казинс бележеше 25,2 поени, 12,9 скока и 5,4 асистенции на 48 средби за Њу Орлеанс пеликанс минатата сезона, пред да се повреди.

Згора, Голден Стејт и Казинс ќе треба да направат одредени прилагодувања во нивната игра, оти шампионот ретко ги завршуваше нападите преку досегашните центри, Џавал Мекги и Заза Пачулија, додека Казинс беше меѓу водечките офанзивни опции во Њу Орлеанс. Популарниот Буги ќе треба побрзо да носи одлуки во нападот во динамичниот стил на игра на Голден Стејт, но и да се приспособи на начинот на одбрана на „воините“ со преземање на противничките играчи. А предвид треба да се земе и репутацијата на Казинс како проблематичен играч, кој досега имаше чести несогласувања со соиграчите и со тренерите.

Треба да се истакне дека Вориорс, сепак, ќе бидат апсолутни фаворити за одбрана на шампионскиот трофеј во претстојната сезона, во која ќе ја состават петорката Стеф Кари, Клеј Томпсон, Кевин Дурент, Дрејмонд Грин и Демаркус Казинс, откако центарот ќе се опорави од повредата.