Спортски вести

59

КОШАРКА

Седум тима ќе играат пред публика во Евролигата

Седум од вкупно 18 клуба во новата сезона на кошаркарската Евролига ќе можат да играат во своите сали со присуство на публика. Помеѓу 400 и 7.500 гледачи да домашен терен ќе може да ги бодрат екипите на ЦСКА, Зенит, Химки, Олимпија Милано, Валенсија, Жалгирис и на Асвел. Без публика на домашен терен ќе бидат Барселона, Реал Мадрид, Басконија, Алба, Баерн, Фенербахче, Анадолу Ефес, Панатинакос, Олимпијакос, Црвена звезда и Макаби Тел Авив.
Малку подобра е состојбата во Еврокупот, каде што без гледачи на трибините ќе бидат осум од вкупно 24 тима. Жорди Бертомеу, првиот човек на Евролигата, вели дека ако пандемијата на коронавирусот се прошири, тогаш Евролигата има резервен план.
– Подготвени сме на сѐ. Постои и план Б. Имаме повеќе слободни сали во кои можат да се одиграат натпревари, а постојат и неколку опции на распоред, ако мечевите мораат да се откажат. Може да се случи и делегираните судии да се сменат во последен миг. Ако ситуацијата, сепак, биде апсолутно критична, подготвени сме сезоната да ја завршиме и во „балон“ – вели Бертомеу. Г.И.


КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ
ЛА лејкерс зачекори кон 17-та титула со „дожд од тројки“

Лос Анџелес лејкерс поведе со 1-0 во победи по првиот натпревар од финалната серија што се игра до четири победи, во најсилната кошаркарска лига на светот, НБА. Езерџиите првиот дуел го добија со 116-98. Доминацијата во скокот (54-36), како и „дождот од тројки“ беа клучни. Кај Мајами се повредија Бем Адебајо и Горан Драгиќ. Дури 15 тројки уфрлија кошаркарите на ЛА лејкерс, од кои 11 во првото полувреме, а најголемата разлика во еден момент од мечот изнесуваше дури 32 поена.
Кај победникот предничеа Ентони Дејвис со 34 поени, девет скока и пет асистенции, а Леброн Џејмс реализира 25 поени, 13 скока и девет асистенции. Кај поразените прв стрелец беше Џими Батлер со 23 коша.
– Повеќе можете да научите од победа отколку од пораз. Едвај го чекам следниот тренинг, па видеоанализата да ни покаже што можеме уште подобро да направиме – изјави Џејмс.
Вториот дуел од финалната серија што се игра во Орландо е утре наутро. Г.И.