Словенецот Лука Дончиќ најмлад МВП во Евролигата

678

Пред синоќешното 14-то финале од Евролигата во кошарка, меѓу шпанскиот Реал Мадрид и бранителот на титулата, турскиот Фенербахче, младиот словенечки репрезентативец, Лука Дончиќ (19) беше прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) сезонава во Евролигата. Дончиќ е најмладиот кошаркар во историјата на Евролигата што го добил ова признание. Во пресрет на синоќешното финале тој имаше индекс на корисност од 21,69 просечно по натпревар.

Признанието за потег на годината го доби Јан Весели од Фенербахче за изведбата против Жалгирис. Најдобар стрелец, односно трофејот „Алфонсо Форд“ замина во рацете на Алексеј Швед од Химки, за најдобар дефанзивец беше избран Кајл Хајнс од ЦСКА Москва, а Дончиќ го понесе и признанието за најдобар млад играч.
Младата ѕвезда на Реал е и во идеалната петорка на Евролигата, заедно со Ник Калатес (Панатинаикос), Нандо де Коло (ЦСКА), Торник Шенгелија (Басконија) и Јан Весели (Фенербахче).

Триумфот на Фенербахче (го играше третото финале едноподруго) или на Реал е во знакот на бројот 10. Тренерот на турскиот тим, Србинот Жељко Обрадовиќ атакуваше на 10-та титула како тренер, а Реал на 10-та титула првак на Европа.
Во полуфиналните дуели Фенербахче го совлада Жалгирис со 76-67, а Реал беше подобар од ЦСКА Москва, 93-82.