Седма првенствена победа на КК Куманово

95

Во рамките на 14-то коло од домашното првенство во првата кошаркарска лига вечерва на домашен терен, кошаркарите на Куманово ја совладаа екипата на Охрид со 77:69 (43:27) со што ја забележаа и седмата победа сезонава.

Кошаркарите на Куманово по несреќниот пораз минатиот викенд на гостувањето кај екипата на Гостивар и во вториот настап во пролетниот дел од првенството на домашен терен извојуваа победа овој пат против екипата на Охрид со 77:69 (43:27) со што и понатаму останаа во трката за едно од првите шест места на табелата кои што водат во разигрувањето, односно во супер лигата.

Вечерва кошаркарите на Куманово на домашен терен се чини очекувано, но на крајот сепак не така лесно и убедливо ја совладаа екипата на Охрид со 77:69 со што малку порелаксирано ке влезат во понатамошните натпревари но сепак повеќе од сигурно е дека до крајот на првиот дел од првенството ке имаат тешка задача за освојување на едно од првите шест места на табелата.

Домашните кошаркари се чини натпреварот го решија уште во првото полувреме кога направија солидна позитива од + 18 разлика (43:27) за да потоа во вториот дел на два пати да имаат и позитива од дури +23 поени (60:37 и 69:46). Но потоа во продолжението кај домашната екипа дојде до неочекуван пад во играта и опуштање на поедини кошаркари што гостите од Охрид умешно го искористија и со серија од 13:0 го намалија водството на Куманово и се доближија до негатива од само – 8 поени (71:63), но и имаа напад кој не го реализираа што воедно беше и нивната последна шанса за евентуално враќање во натпреварот.

Потоа домашните кошаркари ги консолидираа своите редови и во последните три четири минути со рутинска игра сепак успеаја да стигнат до уште една важна победа која што ќе им користи најмногу за самодоверба на кошаркарите за во продолжението од првенството.

Најефикасни кошаркари на натпреварот во победничката екипа на Куманово беа Филип Думиќ со 18 и Бранислав Џекиќ со 16 кошови додека пак во гостинската екипа на Охрид, Стефан Младеновиќ со 19 и Давид Миладиновиќ со 12 постигнати кошови.

Во наредното коло 15 од првата кошаркарска лига екипата на Куманово на гостински терен ja очекува тешко гостување кај лидерот на табелата, екипата на КК Работнички во Скопје.

Т.Д.