Сабонис и тандемот на Јута меѓу олстар-дебитантите

33
Соиграчите од Јута џез Руди Гобер (лево) и Донован Мичел првпат ќе ираат на олстарот

Бeм Адебаjо, Џејсон Тејтум, Домантас Сабонис, Руди Гобер, Брендон Инграм и Донован Мичел ќе го имаат своето прво учество на олстар-мечот во НБА-лигата, што стана познато откако беа објавени резервите за дуелот штто ќе се одигра во Чикаго на 16 февруари. Синот на легендарниот Арвидас Сабонис, Домантас ќе дебитира на натпреварот на сите ѕвезди, додека ѕвездата на Денвер нагетс Никола Јокиќ втор пат ќе учествува на овој натпревар.

Резерви на Западот ќе бидат Никола Јокиќ (Денвер), Демијан Лилард (Портланд), Донован Мичел (Јута), Руди Гобер (Јута), Брендон Инграм (Њу Орлеанс), Расел Вестбрук (Хјустон) и Крис Пол (Оклахома).

Резерви на Истокот се: Џими Батлер (Мајами), Кајл Лаури (Торонто), Бен Симонс (Филаделфија), Крис Мидлтон (Милвоки), Џејсон Тејтун (Бостон), Бем Адебајо (Мајами) и Домантас Сабонис (Индијана).

Пред една недела беа објавени стартните петорки на Истокот (Јанис Антетокумпо, Треј Јанг, Кемба Вокер, Паскал Сијакам и Џоел Ембид) и Западот (Лука Дончиќ, Џејмс Харден, Леброн Џејмс, Ентони Дејвис и Каваи Ленард).

Слично како и минатата година, составот на екипите ќе го бираат играчите што добија најмногу гласови од публиката, Леброн Џејмс и Јанис Антетокумпо. Тие ќе ги изберат соиграчите за олстар натпреварот.


Просекот од 28,6 поени не беше доволен за Бредли Бил

Кошаркарот на Вашингтон Визардс Бредли Бил не го крие незадоволството што не се најде на листата на кошаркари за олстар-натпреварот во Чикаго. Иако има просек од 28,6 поени и 6,3 асистенции по натпревар, за Бил немаше место меѓу 12-те ѕвезди од Источната конференција.

– Искрено, бесен сум. Мислам дека се работи за непочитување. Знам кој сум и колку можам, очекував дека ќе играм на Ол-стар натпреварпт. Сепак нема да бидам таму. Останува да го задржам овој ритам и да му помогнам на тимот да влезе во плејофот – порача Бил по победата над Шарлот, во која забележа 34 поени, и по девет скока и асистенции.

Бил (26) е играчот со најголем просек на постигнати поени што нема да игра на Ол-стар натпреварот во последните четири децении.