Ракетите живееја од тројките и „загинаа“ од тројките

302
Џејмс Харден (црн дрес) имаше слаба реализација од далечина во текот на серијата со Голден Стејт

Играта на Хјустон рокетс се засноваше врз шутот за три поени, во текот на целата сезона во кошаркарската НБА-лига, што им го донесе најдобриот ефект во регуларниот дел, но ги чинеше пласман во финалето на плејофот.

„Ракетите“, без повредениот Крис Пол, загубија од шампионот Голден стејт вориорс со 92-101 на домашен терен, во решавачкиот седми меч од финалето на Западната конференција, за што во голема мера влијаеа промашените 27 удари од далечина едноподруго, што е антирекорд во доигрувањето.

Хјустон, пак, постави рекорд за постигнати тројки во регуларниот дел од сезоната, со вкупно 1.256 погодени далекуметни шутеви, форсирајќи ја стратегијата „создадена токму за да го победи Голден Стејт“, според генералниот менаџер на тимот Дерил Мори. Американските медиуми пишуваа дека Хјустон ја повторува мантрата „живеј од тројките, загини од тројките“.

– Сакаме да го освоиме шампионскиот трофеј, за што веројатно ќе треба да го поминеме Голден Стејт. И заклучивме дека единствениот начин за да ги победиме е со бараж на тројки, што веројатно ќе се случи со резултат 124-120, за да ги елиминираме – истакна Мори, во интервју во февруари.

Но, стратегијата на Хјустон не даде резултат во нивниот најважен меч сезонава. Домашните кошаркари го завршија мечот со седум тројки од 44 обиди, од кои имаа 14 промашувања во третата четвртина. Првата ѕвезда на „ракетите“ Џејмс Харден погоди два од вкупно 13 удари од далечина, Ерик Гордон два од 12 обиди, а Тревор Ариза имаше девет промашувања.

Графиката ги покажува 14-те промашени удари за три поени на Хјустон во третата четвртина

Шампионот Голден Стејт ќе се соочи со Кливленд кавалирс во финалето на НБА-лигата, четврта година едноподруго. Вориорс се поуспешни во досегашните финални пресметки со две победи, наспроти една на Кавс. М.Ж.