Раздорот околу Батлер ја разорува волчјата глутница

97

Минесота тимбервулфс се наоѓаат во незавидна ситуација откако Џими Батлер побара да го напушти клубот, бидејќи решението не е на повидок во пресрет на почетокот на сезоната во кошаркарската НБА-лига, пишува „Бизнис инсајдер“.

Барањето на одличниот бек стигна на една недела пред почетокот на тренинг-кампот, со што тој, наводно, доставил листа од три потенцијални дестинации каде што сака да ја продолжи кариерата, на која се наоѓаат Лос Анџелес клиперс, Њујорк никс и Бруклин нетс. 

Батлер веројатно ќе стане слободен кошаркар на крајот на сезоната, па Минесота нема значителна моќ во преговорите со другите клубови, кои нема да сакаат размена за играч што ќе замине по една сезона.

Ситуацијата со Батлер, кој има несогласувања со соиграчите Карл-Ентони Таунс и Ендрју Вигинс, предизвика поделби меѓу „волците“. Тренерот и претседател на кошаркарските операции, Том Тибодо, се надева дека ќе го убеди Батлер да остане, додека сопственикот на Минесота Глен Тејлор посакува брзо решение со размена, според информациите на НБА-инсајдерот, Адријан Војнаровски. Клубовите затоа го контактираат директно Тејлор, заобиколувајќи го Тибодо и останатите членови на управата кои се задолжени за трејдовите.

За олстар-кошаркарот на Минесота, наводно, заинтересирани се, Бруклин нетс, Детроит пистонс, Хјустон рокетс, ЛА клиперс, Мајами хит и Филаделфија.

Батлер е одвоен од тимот откако почна тренинг-кампот на Минесота. Тој не беше присутен ниту на вообичаените средби со медиумите. Батлер беше еден од клучните кошаркари на Минесота во ланската сезона, кога тимот обезбеди учество во плејофот по пауза од 13 години.