Прв избор и милионска тужба за кошаркарската сензација Вилијамсон

793

Зајон Вилијамсон очекувано беше прв избор на драфтот во НБА-лигата одржан ноќеска, но талентираниот крилен кошаркар избран од Њу Орлеанс пеликанс се соочи и со тужба од 100 милиони долари од страна на одредена агенција за спортски маркетинг, според „Вашингтон пост“.

Тужбата е поднесена од страна на агенцијата „Прајмс спорст маркетинг“ со која Вилијамсон потпиша договор откако се изјасни дека ќе излезе на драфтот. Тој се обврза на петгодишна верност, за да ја напушти агенцијата по неполн месец и да потпише договор со „Криејтив артистс ејџенси“. Ѕвездата на универзитетот „Дјук“ прв ја тужеше „Прајм спортс маркетинг“ оспорувајќи го договорот, пред да се соочи со контратужба (на неколку часа пред драфтот) со која се бара отштета од 100 милиони долари.

Вилијамсон помина една година на универзитетот „Дјук“ каде што бележеше 22,6 поени и 8,9 скокова по меч со шут од поле од 68 отсто. 

Мемфис го избра Џа Морант од „Мареј стејт“ како втор пик, а Ар Џеј Берет од Дјук беше селектиран трет од Њујорк никс.

Од просторот на поранешна Југославија, на драфтот беа избрани Хрватот од Олимпија Љубљана Лука Шаманиќ (19-ти пик/Сан Антонио) и Србите Ален Смаилагиќ (39/Њу Орлеанс) кој веднаш беше разменет во Голден стејт вориорс, за чиј тим во развојната лига веќе настапува, како и досегашниот член на белградски Партизан Вања Маринковиќ (60/Сакраменто кингс).