Првпат во финале меѓу себе ќе играат Мајами и ЛА лејкерс

69

КОШАРКА – НБА, ПЛЕЈОФ

Кошаркарите на Мајами и на Лос Анџелес лејкерс првпат ќе играат меѓу себе во големото финале на НБА-лига, а првиот меч од финалната серија што се игра до четири победи е в четврток наутро.
Тоа е епилогот по двете конференциски финалиња во плејофот во најсилната кошаркарска лига на светот. Откако претходно тоа му успеа на Лос Анџелес лејкерс против Денвер (4-1 во победи), вчера по тие стапки тргна и Мајами, кој во источното конференциско финале го совлада Бостон со 125-113 и вкупно со 4-2 во победи.
Мајами шести пат ќе игра во финалето и ќе се обиде да дојде до својата четврта титула (по 2006, 2012 и 2013 година), а прва откако Леброн Џејмс не е во нивниот клуб. Џејмс, пак, ќе се обиде да дојде токму до неговата четврта титула во кариерата. Во досегашните девет финалиња тој освои три шампионски прстени (со Мајами во 2012 и во 2013 година и со Кливленд во 2016 година). ЛА лејкерс ќе игра 32. пат во финалето (рекорд) и ќе се обиде да ја освои 17-та титула, колку што има и рекордерот Бостон. 


НАЈМНОГУ ТИТУЛИ

Бостон 17
ЛА лејкерс 16
Чикаго 6
Голден стејт 6
Сан Антонио 5
Филаделфија 3
Детроит 3
Мајами 3
Њујорк 2
Хјустон 2