Почнува НБА, вниманието е свртено кон Лос Анџелес

203

Според „Њујорк тајмс“ владеењето на Голден стејт во Западната конференција е предизвикано од Лејкерс и од Клиперс и нивната колекција суперeрѕвезди, кои би можеле да ја преземат и НБА

Новата сезона, вкупно 74-та, во најсилното кошаркарско натпреварување во светот, НБА-лигата, почнува утре, а Торонто одбраната на титулата ќе ја почне со натпреварот на свој терен, против Њу Орлеанс. На таа средба на играчите на Торонто ќе им бидат предадени шампионските прстени за освоената титула во минатата сезона, прва за клубот.
По завршувањето на претсезонските натпревари, некои американски медиуми анализираат што може да се очекува во новата сезона во НБА. Така, „Њујорк тајмс“ објави текст со наслов „Центарот на универзумот на НБА се сели во Лос Анџелес“. Според весникот, владеењето на Голден стејт вориорс во Западната конференција е предизвикано од Лејкерс и од Клиперс и нивната колекција суперeрѕвезди, кои би можеле да ја преземат и НБА.

Поминаа шест години откако некоја друга екипа, освен Голден стејт вориорс, ја освои Западната конференција, а осум откако некој ја освои титулата, а да не е тоа Голден стејт или Сан Антонио, но се чини дека ова речиси сигурно ќе се промени. Лос Анџелес клиперс ги додаде Кави Леонард и Пол Џорџ во тимот, а Лос Анџелес лејкерс го зеде Ентони Дејвис, кој ќе игра со Леброн Џејмс. Но дури и по тие потези, уште постои чувство дека конференцијата, и НБА општо, ќе биде неизвесна. Се чини дека најмалку четири или пет екипи лесно може да се искачат на врвот на Западот, пишува весникот.
Со пристигнувањето на Леонард (НБА-шампион, дефанзивен маестро) и на Џорџ (повеќегодишен олстар, дефанзивен маестро), Лос Анџелес клиперс се вброи меѓу фаворитите. Би било огромно изненадување ако клиперси не се позиционираат како еден од тимовите што треба да победат во Западната конференција.

Лос Анџелес лејкерс (клучни засилувања Ентони Дејвис, Џаред Дадли, Дени Грин, Двајт Хауард, Квин Кук), пак, се обидува да се рестартира за втората сезона на Џејмс, кој испушти голем дел од минатата поради повреда и првпат го гледаше плејофот од дома по сезоната 2004/2005. Никој не очекува Лејкерс да заврши со уште еден негативен рекорд, откако го ангажираа и повеќегодишниот олстар Дејвис, пишува „Њујорк тајмс“.

По пет последователни финалиња на НБА и три титули, Голден стејт е радикално обновен, откако Кевин Дурант замина во Бруклин, се тргуваше со Андре Игуодала, се пензионира Шон Ливингстон, а Клеј Томпсон на неодредено време е надвор од теренот поради скинати лигаменти во коленото.

Но Голден стејт уште има едно од најголемите офанзивни оружја, во Стив Кари и најсестраниот дефанзивец во Дрејмонд Грин. Кога Томпсон ќе се врати на паркетот, тие ќе бидат единствениот тим во кошаркарската НБА-лига што може да има состав со четворица играчи што беа избрани во олстар-тимовите последниве две сезони.
Денвер има нешто што речиси никој друг од кандидатите во НБА го нема – континуитет. Тие ја враќаат ланската почетна петорка, пишува весникот. Далас треба да биде многу поинаков тим со враќање на Кристапс Порзингис по повредата и со континуираниот развој на Лука Дончиќ, добитник на наградата за најдобар дебитант на годината за минатата сезона.

Без разлика што ќе се случи сезонава, Торонто ќе биде првак на НБА до јуни. Од тимот заминаа Леонард и Дени Грин, но Паскал Сиакам веќе е ѕвезда и би можел да стане уште подобар, Кајл Лори е одличен кошаркар, а некои важни играчи во составот што ја освои титулата во минатата сезона (Марк Гасол, Фред Ванвлет, Серж Ибака) уште се таму, што го прави овој тим силен на Истокот, пишува „Њујорк тајмс“. 


ДОСЕГАШНИ ПРВАЦИ

Бостон 17
ЛА лејкерс 16
Голден стејт 6
Чикаго 6
Сан Антонио 5
Филаделфија 3
Детроит 3
Мајами 3
Њујорк никс 2
Хјустон 2
Кливленд 1
Атланта 1
Вашингтон 1
Оклахома 1
Портланд 1
Милвоки 1
Далас 1
Балтимор 1
Сакраменто 1