Навивачите на „мамузите“ приморани да бираат помеѓу тимот и Трамп

1246
Политичките ставови на Грег Попович ги поделија навивачите на Сан Антонио

Сан Антонио спарс имаат турбулентна сезона во кошаркарската НБА-лига, во која се соочија со повеќе проблеми, меѓу кои се повредата на првата ѕвезда на тимот Каваи Ленард и неговите несогласувања со управата кои создадоа лоша атмосфера во клубот, а причина за загриженост претставува и незадоволството на верните навивачи од политичките ставови на тренерот Грег Попович, пренесува „Вашингтон пост“.

Трофејниот стратег кој ги предводи „мамузите“ од 1996 година, јавно го изрази својот презир кон американскиот претседател Доналд Трамп. Попович ги нарече САД „срамота за светот“, а американскиот лидер „бездушен страшливец“ и „патолошки лажго“. Искусниот тренер е згрозен и од изјавите на Трамп кои ги оквалификува како „ксенофобични, хомофобични, расистички и мизогинистички“. Згора, Попович истакна и оти „живее во држава каде што половина од луѓето го игнорирале сето тоа, за да го изберат претседателот, што е најстрашно за него“, по претседателските избори.

Трамп има голем број поддржувачи во регионот на Сан Антонио, каде што освои 40,7 отсто од гласовите на изборите, кои се чувствуваат навредени од ваквите ставови на тренерот познат под прекарот Поп.

– Честопати го пцујам Поп за тоа што го стори. Тој навреди повеќе од половина од навивачите на Спарс, а никаде нема ниту назнака дека ќе се извини. Тажно е што Поп всушност ми порача на мене, како и на мојата сопруга и на синот дека сме будали затоа што го поддржуваме Трамп. А што се случува кога некој ќе ве нарече будала? Тогаш го избегнувате – вели Боб Мулхерин, чие семејство веќе не ги посетува мечевите на Сан Антонио, по 25 години во кои навиваат за тимот.

Сличен став има и Касандра Касанова која не ги следи „мамузите“ во годинашниот плејоф, а во револт ги собра сите нејзини клупски дресови, маици и навивачки реквизити и ги донираше. 

– Немам поим кога се играат натпреварите на Сан Антонио и воопшто не ми е гајле. По долги години на поддржување на тимот, сега немам интерес. Попович навистина ја оплеска – порача Касанова.

Одредени симпатизери, пак, кажаа дека веќе не го гледаат Сан Антонио ниту на телевизија.

Се чини дека ситуацијата со навивачите нема влијание врз Попович, додека клубот одби да ги коментира неговите политички ставови, а оттаму сметаат дека изјавите на тренерот немаат значителен ефект врз популарноста на Спарс.

– Клубот ниту еднаш не ми кажа ништо поврзано со моите ставови – категоричен е Попович.

Сан Антонио спарс е еден од најуспешните клубови во американските професионални спортови, за што доказ претставува и 21-то последователно учество во плејофот во НБА-лигата. „Мамузите“ беа шампиони петпати под водство на Попович, а моментно имаат негатива од 0-2 во мечеви против шампионот Голден стејт вориорс, во првата рунда од доигрувањето на Западната конференција.