Олстар-викендот во чест на Коби Брајант

129
Леброн Џејмс и Јанис Антетокоумпо

На дресовите на кошаркарите на двата тима ќе стојат бројките што ги носеа Џина и Коби (2 и 24), со по девет ѕвездички на нив (колку што настрадаа луѓе во несреќата)

Викендов во „Јунајтед центарот“ во Чикаго ќе се одржи 69-от Олстар-викенд во американската кошаркарска НБА-лига. Од пред две години, официјално тоа не е меч меѓу Западната и Источната конференција, односно капитените на двата тима (Леброн Џејмс и Јанис Антетокоумпо) ги избираат играчите меѓу тие што добиле најмногу гласови, без разлика од која конференција доаѓаат.
На овој настан раководството на НБА, Здружението на играчи и Најк, ќе им оддадат посебна почит на неодамна загинатиот Коби Брајант и на неговата 13-годишна ќерка Џина. На дресовите на кошаркарите ќе стојат бројките што ги носеа Џина и Коби (2 и 24), со по девет ѕвездички на нив (колку што настрадаа луѓе во несреќата). Тимот Леброн ќе биде со сини дресови (со бројот 2), а тимот Јанис со црвени (со бројот 24).

Освен на тој меч, дресови со ист дизајн ќе носат и кошаркарите на другите натпреварувања, како што се брзото шутирање тројки, забивање итн.
Покрај тоа, во чест на Брајант, сменет е и форматот на Олстар-мечот, така што првите три четвртини ќе почнуваат со резултат 0-0 и ќе траат по 12 минути. Последниот квартал ќе се игра без временско ограничување, односно ќе победи тимот што по трите квартали ќе постигне повеќе поени, плус 24, бројката што на дресот ја носеше Брајант. Ако по трите четвртини на пример резултатот е 100-95, победува тимот што ќе даде 124, односно 129 поени.
Брајант беше петкратен НБА-шампион со ЛА Лејкерс, учесник на 18 олстар-викенди и добитник на четири олстар-МВП признанија.

Во првата петорка на тимот Леброн, покрај Џемс (капитен), се Лука Дончиќ, Џемс Харден, Ентони Дејвис и Кавај Ленард. Во тимот Јанис, во почетниот состав се Антетокоумпо (капитен), Кемба Вокер, Тре Јанг, Паскал Сиакам и Џоел Ембид.
Натпреварот што ќе започне во два часот наутро в понеделник по средноевропско време, преку ТВ и други интернет-провајдери и платформи ќе биде пренесуван во над 200 земји во светот, со коментар на повеќе од 50 јазици. 


Првиот НБА Олстар-меч одигран 1951 година

Првиот НБА Олстар-меч е одигран на 2 март 1951 година во Бостон, на кој победил Истокот со 111-94, а прв МВП е Ед Меколи од Бостон селтикс. Истокот е поуспешен од Западот, 37-29. Идејата за ваков вид НБА Олстар-викенд е на претседателот на НБА, Морис Подолоф, на газдата на Бостон селтикс, Волтер Браун и на човекот за односи со јавноста во тоа време во НБА, Хаскел Коен. Таа идеја опстојува и ден-денес со само еден прекин, во 1999 година.
Во минатите седум децении домаќини на овој настан беа 37 американски градови, со учество на над 600 играчи и со 61 тренер. Во 1984 година, се организираше првиот натпревар во забивање, во 1986-та дуелот за три поени, во 90-те беше воведен меч меѓу дебитантите итн.