Одлични игри на Димитријевиќ во Еврокупот

89

Димитријевиќ засега е на втората позиција според вкупниот број на индекс-поени 69 (23 во просек по меч), на третата по бројот на асистенции, 17 (5,67 во просек по меч), а 18-ти според бројот на постигнати кошеви, 47 (15,7 коша во просек по меч)…

КОШАРКА

Македонскиот кошаркарски репрезентативец и член на шпанскиот клуб Хувентуд, Ненад Димитријевиќ (22), продолжува со успешните игри во Еврокупот. „Зелено-црните“ од Бадалона го добија и третиот дуел во ова натпреварување, овој пат против француски Монако со 79-72 и со тоа се поблиску до пласман во четврт-финалето. Двете екипи ќе одиграат уште еден натпревар (во следното 4-то коло), кој е закажан за 1 февруари во Монако.
Против Монако, бекот Димитријевиќ (186 см), постигна 22 коша (3/3 за три 5/8 за два и 3/4 за еден поен), а придодаде уште три скока, две асистенции и три загубени топки, благодарејќи на одлично одиграното прво полувреме.
Она што радува е фактот што Димитријевиќ од меч на меч покажува евидентен напредок и моментално е на 18-то место по бројот на постигнати кошеви (47) во ова квалитетно натпреварување за 78,58 минути игра. Така, во 1-то коло против Уникаха постигна 13 поени (3/5 за два, 1/2 за три, со седум асистенции) за 20,45 минути игра. Во вториот дуел против Нант даде 12 коша (2/3, 1/2, со осум асистенции) за 27,34 минути игра, а во третиот меч имаше најдобар резултат со 22 поени за 30,39 минути минати во игра. Димитријевиќ засега има вкупен просек од 15,7 коша по натпревар (47), 62,5 отсто за удари за два поена (10/16), 71,4 за три (5/7), за 26,19 минути игра во просек по меч.

Засега најефикасен е Италијанецот Марко Балинели (35) од екипата Виртуз Болоња со 65 поени, односно во просек по 21,57 коша (21,44 по меч), 11/21 за два (52,4), 8/14 за три поени (57,1) и 4 асистенции (1,3 во просек) за 65,14 минути игра (21,44 по меч).
Димитријевиќ е на третата позиција по бројот на асистенции 17 (5,67 во просек мо меч), каде што води Србинот Милош Теодосиќ (Виртус Болоња) со 24, додека според вкупниот број на индекс-поени Ненад е втор со 69 (23 просек по меч), а води Винс Хантер (Виртус Болоња) со 83 (27,67 во просек по меч).
Во групата Е, води Бадалона со три победи без пораз, втор е Монако со две победи и еден пораз, додека Уникаха и Нантер се без бодови од два натпревара.