Одбраната е клучен аспект за успех

94
Од првиот тренинг на репрезентацијата под водство на Тодоров Фото: Игор Бансколиев

Естонија е шутерска селекција со 4-5 ниски играчи, па просекот од три поени ќе има големо значење. Треба да ни биде јасно и тоа дека една победа нема да нѐ однесе на ЕП, туку потребна ни е една победа повеќе од Естонија во вкупниот збир, вели македонскиот селектор Александар Тодоров

Кошаркарите на Македонија, полни со оптимизам и под раководство на селекторот Александар Тодоров, ги одржаа првите тренинзи. Во СЦ „Борис Трајковски“ беа присутни сите кошаркари, освен Ненад Димитријевиќ, кој подоцна ќе се приклучи на подготовките за дуелите со Естонија и со Русија, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година.

– Го имаме моментално најоптималниот состав и сите повикани кошаркари се подготвени за претстојните февруарски квалификации. За Естонија веќе е направена индивидуална анализа на сите кошаркари поединечно, како и оние 7-8 играчи што ќе го понесат товарот. Естонија е шутерска селекција со 4-5 ниски играчи, па просекот од три поени ќе има големо значење. Сепак, одбраната ќе биде клучниот аспект за успех, оти Естонија е селекција што може да постигне 90 поени на еден натпревар. Но целата подготовка за овој дуел се состои врз база на претпоставки, оти како и ние, така и тие се со нов селектор. Затоа добро е што токму првиот натпревар го играме со нив и на свој терен – вели Тодоров.

Селекторот смета дека една победа е премалку за пласман на ЕП.
– Треба да ни биде јасно и тоа дека една победа нема да нѐ однесе на ЕП, па да сметаме дека со подобра кош-разлика во однос на нив веќе ќе биде завршена работата. Сите имаат шанси, а, ете, јас очекувам во второто коло токму Естонците во Талин да ја победат Италија. Затоа сметам дека ни е потребна една победа повеќе од Естонија во вкупниот збир – вели Тодоров.

Оптимистички размислува и капитенот на репрезентацијата Војдан Стојановски.
– Се чувствувам добро и подготвен сум за настап. Од декември сум во натпреварувачка форма, а само за еден месец одиграв 10 натпревари. Сметам дека имаме доволно тренинзи за да се подготвиме добро против Естонија, а треба да одиграме и една пријателска средба. Но најважно е сите да бидеме здрави за дуелот со Естонија и да одиграме добро – вели Стојановски.

Македонија против Естонија (дома) ќе игра в четврток, а со Русија (на гости) три дена подоцна. Прволигашот Гостивар ќе биде единствениот тест-ривал на избраниците на Тодоров во овој подготвителен период. На ЕП 2021 ќе се пласираат двете најдобри репрезентации од групата, не сметајќи ја Италија, која е директно пласирана како една од четирите земји-домаќини (уште и Чешка, Грузија и Германија).


Гечевски: Целта ни е да ја вратиме репрезентацијата на старите патеки

Како федерација се подготвувавме да обезбедиме најдобри услови за работа во овие десетдневни подготовки. Целта ни е да ја вратиме кошаркарската репрезентација на старите патеки, заедно со подмладениот состав. Како федерација сме фокусирани на натпреварот со Естонија. По квалитет сметам дека сме малку подобри од нив и имаме реални шанси да ги победиме во првиот меч, со што би се создала и позитивна атмосфера за понатамошниот дел од квалификациите. За таа цел и го одложивме Купот. Успехот на репрезентацијата е успех на цела Македонија, вели спортскиот директор на репрезентацијата, Тодор Гечевски.