Нов рекорд на Леброн Џејмс во НБА

251

Џејмс 16-ти пат е во една од првите три петорки на сезоната, а Дончиќ стана шестиот играч избран во првата петорка пред неговиот 22. роденден

КОШАРКА – ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ ТРИ ПЕТОРКИ СЕЗОНАВА

Леброн Џејмс (Лос Анџелес лејкерс) постави рекорд во најсилната кошаркарска лига на светот, НБА, откако 16-ти пат е избран во една од најдобрите три петорки на сезоната. Досега во оваа категорија тој беше израмнет со Тим Данкан, Карим Абдул-Џабар и со Коби Брајант. Згора, ова му е 13-ти пат како е во најдобрата петорка, што, исто така, е своевиден рекорд.
Лука Дончиќ е шестиот играч во историјата на НБА што во првата петорка на сезоната е избран пред неговиот 22. роденден. Пред него тоа им успеало на Џејмс, Кевин Дурант, Данкан, Рик Бери и Макс Заслофски. Меѓу најдобрите пет сезонава се и Јанис Адетокумбо (Милвоки), Џејмс Харден (Хјустон) и Ентони Дејвис (ЛА лејкерс).

Дончиќ е и првиот по Данкан од 1999 година што во најдобрата петорка е избран во својата прва или втора сезона во НБА.
Никола Јокиќ, кој игра одлично во плејофот сезонава, е во втората петорка, во која се и Кавај Леонард (ЛА клиперс), Дамијан Лилард (Портланд), Крис Пол (Оклахома) и Паскал Сијакам (Торонто). Во третата петорка на НБА-лигата се Џејсон Татум (Бостон), Џими Батлер (Мајами), Руди Гобер (Јута), Бен Симонс (Филаделфија) и Расел Вестбрук (Хјустон).