Новата сезона на НБА ќе трае и за време на олимпискиот турнир?

45

КОШАРКА

Комесарот на НБА-лигата, Адам Силвер, изјави дека неговата „најдобра претпоставка“ е дека следната сезона нема да почне барем до јануари, згора рече дека подоцнежниот распоред од вообичаениот може да значи врвни кошаркари на САД да ги пропуштаат Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио. Силвер, кој беше гостин на серијата панел-дискусии на „Си-ен-ен“, не посочи дека некои решенија се финализирани. Првично се зборуваше за почеток на новата сезона на 1 декември, а потоа за крајот на декември.
– Продолжувам да верувам дека ќе биде подобро да почнеме во јануари. Целта за нас е следната сезона ја одиграме стандардно, со 82 натпревари и со плејоф, и да играме натпревари во домашни арени пред гледачи – вели Силвер.
Типичната НБА-сезона трае речиси шест месеци, а потоа следува двомесечната постсезона. Ако следната сезона е вообичаена, а не може да се знае дека ќе биде сигурно така, тоа може да значи дека завршницата на регуларната сезона ќе биде во јуни или јули, а плејофот ќе заврши во август или во септември. Тоа, пак, може многу да влијае на плановите за ЛОИ. Презакажаните ЛОИ во Токио треба да почнат на 23 јули и да траат до 8 август.

– Има многу одлични американски играчи и можеби ќе имаме сценарио најдобрите 15 играчи во НБА да не се натпреваруваат на ЛОИ. Очигледно е дека има и многу други НБА-играчи што учествуваат на ЛОИ од други држави. Тоа е нешто што ќе треба да го решиме – вели Силвер.
И неколку тренери од НБА планираат да учествуваат на ЛОИ или во квалификациите. Грег Попович (Сан Антонио) ќе биде селектор на САД, а ќе му помагаат Стив Кер (Голден стејт) и Лојд Пирс (Атланта). Мајк Браун од Голден стејт е подготвен да ја води Нигерија, помошникот на Торонто, Серхио Скариоло, ќе биде селектор на Шпанија, а тренерот на Торонто, Ник Нурс, ќе ја води Канада во квалификациите.
– Овие се многу уникатни и невообичаени околности. И мислам дека како што е за олимпиското движење, така е и за нас. И ние ќе треба да најдеме начин да ги споиме овие две конкурентни размислувања – вели Силвер.