Неостварена желба – учество на европско првенство

282

За Тони Симиќ и за неговите трофеи на македонската кошаркарска сцена, вкупно 19, веќе пишував. Сега ќе се осврнам на неговиот натамошен тек на кариерата, кој, исто така, беше интересен и полн со возбудливи моменти

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (169) ТОНИ СИМИЌ (2)

Во последната декада од минатиот век, Симиќ беше еден од нашите најекспонирани кошаркари, кој настапуваше најмногу за МЗТ Скопје, за потоа да помине во Работнички, кој всушност му беше матичен клуб. Тој во тимот од Градски парк остана десет години, со еден четиримесечен период во Полска.
– Таму настапував во екипата Котовица од Колобжег. Во почетокот сѐ беше добро, но откако натпреварите во полското првенство навлегоа во средишницата, колата тргна надолу. Доживеавме неколку порази, па така дојде до разочарување кај раководството, нормално и кај нас играчите. Во една таква ситуација, со оглед што странците се први на удар, немаше резон да останам и се вратив назад во Работнички Фершпед – вели Симиќ.
Во првата декада од овој век, Симиќ со Работнички Фершпед освои неколку титули и купови, а потоа кариерата ја продолжи во други клубови.

НАСТАП ЗА ВАРДАР ОСИГУРУВАЊЕ

Трагајќи по нови предизвици, а веројатно заситен од настапите за двата наши најквалитетни клуба, Тони Симиќ решава да стане член на Вардар Осигурување, екипа што имаше сериозни амбиции за високи дострели.
– Во клубот, покрај мене, дојдоа уште неколку квалитетни кошаркари, како Блажевски, Грнчаров, Петровски и други. Сметав дека може нешто да направиме таму и во подготовките влеговме со голем елан. Меѓутоа, желбите се едно, реалноста друго. Иако бевме најавувани како хит, се појавија некои проблеми што ја разнишаа атмосферата, па по една година отидов повторно во Работнички. Чувствував дека годините го прават своето, но не се предавав и рамноправно се носев со помладите – се сеќава на тоа време Тони.

Ова беше време кога се појавуваа и нови клубови што имаа амбиции не само да бидат епизодисти туку да играат значајна улога во првенството на Македонија. Најубав пример за тоа беше Фени Индустри, кој таа година ја освои и титулата.
– Бев баран речиси од сите клубови. Искуството и физичките предиспозиции, височината од 210 см, беа вистински магнет. Сите „трчаа“ по високи кошаркари. Затоа, за мене никогаш немаше проблем, секогаш можев да одберам клуб што најмногу ќе ми одговара. Така, ценејќи ги желбите на луѓето што го водеа клубот, а и крајно коректниот однос од нивна страна, манифестиран уште во текот на преговорите, во следните три години настапував за Лирија – вели Симиќ.

Иако веќе имаше наполнето 40 години, Симиќ и понатаму беше атрактивен за гледачите, а во рекетот под кошот беше нерешлива загатка за противничките играчи. Секогаш максимално ја користеше височината и постојано беше во предност, зашто противничките екипи, со мали исклучоци, немаа толку високи играчи за да може да му парираат. Кога на ова ќе се надоврзе и фактот дека беше мошне прецизен и со шут од далечина, тогаш станува јасно каква предност имаше екипата за која настапуваше.
Во моментите кога се раздели од Лирија и помислуваше на повлекување, повторно беше актуелен. Овој пат не можеше да го одбие повикот од Фени, па, така, станува член на екипата од Кавадарци. Но тоа не е сѐ, неговата завршна епизода како играч беше во Гостивар.

– Интересно е дека кога се договарав со гостиварци, тие ми рекоа да одам одвреме-навреме на тренинг. Сметаа дека доволно ќе биде само да се појавам во екипата. Меѓутоа јас, кој цел живот се стремев да бидам професионалец, не можев да си го дозволам тоа. Напротив, не само што одев на сите тренинзи туку бев и еден од најредовните. Знаев дека само така ќе може да го одржувам играчкиот ритам и ќе можам да им парирам на помладите. Мислам дека и покрај годините, одиграв чесно и на адекватен начин им се оддолжив на гостиварци за довербата што ја имаа кон мене – вели Симиќ.

БЕЗ ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО

Паралелно со настапите, прво за МЗТ Скопје, потоа за Работнички, а и за другите клубови, Тони Симиќ речиси 15 години беше член на македонската сениорска репрезентација. Тој своето деби го имаше во 1995 година, и оттогаш, со повремени изостанувања, го носеше репрезентативниот дрес до 2010 година.
– Бевме релативно млада репрезентација, но во своите редови имавме кошаркари со меѓународно искуство. Носители на играта и најекспонирани играчи беа Петар Наумоски и Врбица Стефанов. Кога Пеце ја имаше топката, можевме да одмораме и само да го гледаме. Тој играше сам, не му требавме другите.

Ете, таков калибар кошаркар беше Наумоски, кој направи една навистина импресивна меѓународна кариера. Покрај нив двајца, тука беа и другите интернационалци, браќата Боцевски и Дејан Јовановски. Оваа „петорка“ што ја споменав беше клучна за нашите резултати и другите репрезентации веќе не гледаа на нас како на аутсајдери, туку со респект, дури и со страв – се навраќа на тие репрезентативни години Симиќ.
Тони Симиќ, раскажувајќи за доживувањата со репрезентацијата, и денес не може да се изначуди како беше прокоцкана првата шанса за наше учество во завршницата на едно европско првенство.

– Замислете, во мечот со Финска, во Скопје, по првото полувреме водевме со 17 поени, но, сепак, и тоа не беше доволно да победиме. И денес не ми е јасно како можевме да ја прокоцкаме шансата во 1997 година да не одиме на ЕП. Така, моравме да го чекаме следниот квалификациски циклус, за конечно првпат да се појавиме на едно Европско првенство, во Франција, во 1999 година. За жал, јас ја немав таа среќа, иако ги одиграв квалификациските мечеви, да бидам во составот на репрезентацијата. Не знам од кои причини бев изоставен и не отпатував на ЕП во Тулуз. И денес не можам да ги откријам причините за ваквиот потег на селекторот Заре Марковски. Но и тоа помина, а јас и понатаму бев член на националниот тим. Но нова шанса за учество на ЕП немавме и затоа уште повеќе жалам што, ете, иако имав долга репрезентативна кариера, не успеав да заиграм на едно првенство на Стариот Континент. Но тоа е веќе минато, сега погледите ми се свртени кон иднината и кон тоа како ќе тече кариерата на моите два сина Теодор и Марио, кои, исто така, станаа дел од кошаркарскиот свет – вели тој.

ТЕО ВЕЌЕ Е ВИСОК 210 СМ

Во семејството Симиќ не само што се сите кошаркари туку се познати и по својата височина. Ако таткото Тони стигна до 210 см, постариот син Теодор – Тео, кој има 16 години, веќе ја надмина оваа граница. До каде ќе стигне точно не може да се прогнозира, но според оние антропометриски показатели тој може да надмине и 215 см. Кога на ова ќе се додаде дека располага со одлична техника, тогаш не е ни чудно што уште во раната младост Тео стана член на втората екипа на Барселона, а прашање на време е кога ќе стигне и во првиот тим. Стручњаците му предвидуваат блескава кариера, а колку е експониран меѓу своите врсници и за каков талент се работи, најубаво зборува и фактот што тој се наоѓа на списокот меѓу десетте млади кошаркари од Европа со шанса да заиграат и во НБА.

– Теодор уште од мали нозе е во кошаркарската сала, а негова голема предност беше што и јас останав во кошарката како тренер со помладите категории. Желба ми е да создавам кошаркари, а таа можност ја имам токму во клубот во кој работам, Партизан Водно санс. Тука Тео почна да созрева и квалитетно да се издигнува. Внимавав неговиот талент да го насочам во вистински правец и тој брзо напредуваше. Така, стигна и до Барселона, а во февруари годинава се најде и на списокот на селекторот на сениорската репрезентација на Македонија, Тодоров. Мислам дека Тео е на вистинскиот пат и понатаму да го крева својот квалитет. Ковид-19 малку ги наруши нашите планови, но тоа не е случај само со него, туку воопшто со сите спортисти. Меѓутоа, и ова ќе помине и да очекуваме набргу да се најде и во првиот тим на Барселона – вели Симиќ.

Помладиот син Марио, исто така, има голема перспектива. Засега тој е под контрола на својот татко, Тони, кој сигурно и него ќе успее да го доведе на вистинскиот пат.
Ете, тоа беше приказната за Тони Симиќ, еден од најдобрите македонски кошаркари, кој повеќе години ги одушевуваше гледачите со своите игри. Сега им останува на неговите синови, тие да бидат оние што ќе им приредуваат задоволства на кошаркарските вљубеници.